Делегацијата на Собранието во состав: Моника Зајкова, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ, Никола Мицевски и Бобан Карапејовски, членови на Делегацијата, учествува на 33. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржува од 4 до 8 јули 2026 година во Хаг, Холандија.
Главна тема за дискусија на Годишната сесија, на која учествуваат повеќе од 250 парламентарци од земјите учеснички во ОБСЕ, е: „Меѓународното право и заедничките принципи: темели за безбедност и соработка во регионот на ОБСЕ“.
На свеченото отворање на Годишната сесија се обратија високи претставници на државата домаќин – Холандија: претседателката на Сенатот, Меи Ли Вос, претседателот на Претставничкиот дом, Том Ван Кампен и премиерот, Роб Јетен, како и претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пере Жоан Понс и претседавачот со ОБСЕ, Игнацио Касис. Претседателот на Украина Володимир Зеленски, се обрати пред пратениците со видео порака.
Трите комисии на Парламентарното собрание на ОБСЕ одржаа седници на кои се дискутираше за извештаите и предложените резолуции од нивна надлежност.
Во своето обраќање пред Генералната комисија за политички прашања и безбедност шефот на Делегацијата, Моника Зајкова, ја поздрави содржината на извештајот и предлог-резолуцијата, нагласувајќи дека почитувањето на меѓународното право, суверенитетот и територијалниот интегритет претставуваат темел на европската безбедност и стабилност. Таа ја осуди руската агресија врз Украина, истакнувајќи дека праведен и траен мир може да се постигне единствено во согласност со меѓународното право и со целосно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Зајкова се осврна и на современите безбедносни предизвици, како што се хибридните закани, кибернападите, дезинформациите и злоупотребата на новите технологии, при што ги претстави искуствата на Република Северна Македонија во јакнењето на отпорноста преку унапредување на кибербезбедноста, заштитата на критичната инфраструктура и соработката меѓу институциите, граѓанското општество и меѓународните партнери. Таа нагласи дека демократијата, владеењето на правото и силните институции се нераскинливо поврзани со безбедноста, а реформите во овие области претставуваат инвестиција во регионалната стабилност.
Зајкова оцени дека ОБСЕ останува незаменлива платформа за дијалог во услови на зголемени геополитички тензии и потсети на придонесот на Северна Македонија како претседавач со Организацијата во 2023 година. Истовремено, таа ја реафирмираше цврстата определба на државата за почитување на Хелсиншките принципи и сеопфатниот концепт на безбедност на ОБСЕ.
Пратеникот Никола Мицевски учествуваше во дебатата на Генералната комисија за економски прашања, наука, технологија и животна средина, каде што ја истакна важноста на почитувањето на меѓународното право, економската отпорност, одржливиот развој и технолошките иновации како меѓусебно поврзани столбови на сеопфатната безбедност во регионот на ОБСЕ.
Мицевски посочи дека како мала и отворена економија, земјава е силно посветена на регионалната соработка, развојот на транспортната и енергетската поврзаност и зелената транзиција, при што се осврна на инвестициите во обновливи извори на енергија и определбата за постепено напуштање на јагленот. Осврнувајќи се на дигиталната трансформација, тој нагласи дека развојот на вештачката интелигенција и новите технологии мора да биде проследен со соодветни механизми за транспарентност, демократски надзор и заштита на човековите права, како и со мерки за спротивставување на дезинформациите.
Тој, исто така, укажа дека борбата против корупцијата, јакнењето на независноста на судството и доброто владеење се клучни предуслови за економски развој, справување со демографските предизвици и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Мицковски изрази поддршка за предложената резолуција, оценувајќи дека преку заеднички принципи и колективно дејствување може да се изгради побезбеден, поотпорен и попросперитетен простор на ОБСЕ.
Во дебатата на Генералната комисија за демократија, човекови права и хуманитарни прашања учествуваше пратеникот Бобан Карапејовски. Тој го нагласи значењето на заштитата на владеењето на правото, демократските институции и човековите права, како предуслов за трајна безбедност во регионот на ОБСЕ. Изрази сериозна загриженост поради кршењето на меѓународното хуманитарно право, а особено присилната депортација на деца, притоа давајќи поддршка на меѓународните механизми за утврдување одговорност.
Карапејовски ја истакна потребата од поголема заштита на ранливите категории граѓани и од доследно почитување на принципите на еднаквост и недискриминација во сите земји учеснички на ОБСЕ. Осврнувајќи се на искуството на Северна Македонија, тој потсети на значењето на Охридскиот рамковен договор и на улогата на ОБСЕ во зачувувањето на меѓуетничката стабилност, нагласувајќи дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје и натаму претставува важен партнер во јакнењето на демократските институции и владеењето на правото. На крајот, Карапејовски ја реафирмираше цврстата поддршка на земјата за принципите на Хелсиншкиот завршен акт.
На 33. Годишна сесија, пратениците членови на ПС на ОБСЕ со тајно гласање треба да изберат четворица потпретседатели, како и членови на бироата на трите комисии на парламентарното собрание.
Се очекува, на крајот од Годишната сесија, Парламентарното собрание на ОБСЕ да усвои „Декларација од Хаг“, со препораки до владите и парламентите на земјите учеснички за широк спектар на прашања во полето на политиката, економијата, животната средина и човековите права.
Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.


