Centar.mk
СВЕТ

Турција забрани влез на ЛГБТ крузер

Турските власти забранија крузер со странски патници од ЛГБТК+ заедницата да се закотвува во пристаништата, наведувајќи ја заштитата на „моралните стандарди“ и „семејните вредности“. Одлуката беше потврдена во четврток од извршниот директор на компанијата што ја организира медитеранската турнеја.

Крузерот „Атина до Венеција“, кој отплови од Грција на 5 јули, требаше да се закотви во турското пристаниште Кушадаси два дена подоцна, а потоа да го продолжи своето патување до Истанбул. Патувањето е организирано од „Атлантис Ивентс“. Сепак, локалните власти во Турција ја откажаа посетата, објаснувајќи дека бродот бил изнајмен од група „позната по своето однесување кое е некомпатибилно со нивното општество и морални вредности“.

На бродот „Скарлет Лејди“, кој е во сопственост на „Вирџин Војаџис“, се очекуваат повеќе од 1.000 патници, претежно од САД. „Атлантис Ивентс“ објави дека, „поради околности надвор од нивна контрола“, биле принудени да го променат планот за патување и дека наместо во Турција, бродот ќе се закотви во Каиро, Египет и на грчкиот остров Крит.

„Искрено, ова е доста шокантно. А причината е што ние сме геј група“, изјави за Си-Ен-Ен, Рич Кембел, претседател и извршен директор на „Атлантис Ивентс“, коментирајќи ја одлуката на Турција. „Многу ме загрижува кога една земја одлучува дека може да избере кои туристи да ги пушти, а кои не“, додаде тој.

Кембел истакна дека ова е првпат во 36 години работење на компанијата „експлицитно да ѝ се каже дека не смее да пристигне некаде поради тоа кои се. Тој нагласи дека не станува збор за политички активизам.

„Ние не сме политичка организација. Не доаѓаме тука за ништо друго освен да трошиме пари, да се забавуваме, да одиме на екскурзии и да бидеме исклучително со почит кон секоја култура што ја посетуваме“, рече Кемпбел.

Властите во турската покраина Ајдин, каде што се наоѓа пристаништето Кушадаси, изјавија дека „апсолутно нема можност дотичната група да ја посети нашата покраина за настан од ваков вид“.

Во меѓувреме, властите во Истанбул објавија дека полицијата извршила рација во бар откако во наводна „брошура за Атлантис“ се споменува забава во барот. Кемпбел негираше дека брошурата е поврзана со неговата компанија.

Овој потег доаѓа во услови на сè поостра реторика од Партијата на правдата и развојот на турскиот претседател Таип Ердоган кон ЛГБТК+ заедницата во текот на изминатата деценија, што беше осудено од групите за човекови права. Од 2015 година, властите редовно ги забрануваат Парадите на гордоста во Истанбул, наведувајќи загриженост за јавната безбедност и ред.

На крузерот има околу 1.900 гости, од кои околу 1.100 од САД, додека останатите се од Обединетото Кралство, Канада, Австралија и други земји.

Веб-страницата на „Атлантис“ го опишува 10-дневното патување како „епска авантура“ што ќе ги опфати сончевите медитерански дестинации, вклучувајќи ги грчките острови и Хрватска, каде што е предвидено да се закотви во Дубровник и Задар./Извор:Makfax