Соопштение на СДСМ:
Мицкоски зборува за крај на врските и влијанијата и за економија базирана на знаење.
Прашуваме: Дали тоа значи дека фирмата на генералниот секретар на ВМРО, чиј татко не му е татко, победила со знаење?
Дали фирмата „Ленди Груп“, која во две години добила 74 тендери во вредност од 17,6 милиони евра, победила со знаење, а не поради ВМРО?
Дали фирмата на советникот од ЗНАМ која победила на тендер во Пошта победила со знаење, а не преку криминалната мрежа на Максим Димитриевски?
Дали тендерите од 50.000 евра во Министерството за дигитална трансформација доделени на фирмата „Матео Дизајн“ на сопругот на државната секретарка Гордана
Клинчарова се резултат на знаење или класичен семеен непотизам?
Дали појавувањето на фирмата „Трго Строј“, поврзана со таткото на шефот на кабинетот на Мицкоски, во тендерската мрежа околу „Пирамид Билдинг Солушнс“ е доказ за знаење или за судир на интереси и мрежа блиска до врвот на власта?
Дали фирмата „Дигитал Оне“, која со само двајца вработени добила шест тендери во вредност од 9 милиони евра за само шест месеци, е пример за економија базирана на знаење?
Дали 161 тендери во вредност од 5,3 милиони евра за фирмата „Сити Логистик“, која е поврзана со семејството Томовски, е доказ за стручност?
Дали 51 тендер во вредност од 16 милиони евра за фирмата „Пирамид Билдинг Солушнс“ добиени од повеќе општини управувани од ВМРО-ДПМНЕ, чиј сопственик претходно бил нивен член на избирачки одбор, претставуваат победа со знаење?
Дали фирмата „Мастеф“ победила со знаење на 93 тендери вредни над 18,3 милиони евра, главно во институции под контрола на власта?
Дали знаењето се стекнува со партиска книшка на ВМРО-ОКГ?
Ова не е економија базирана на знаење туку економски грабеж базиран на партиска книшка, на блискост со власта и на распределба на тендери како колачи меѓу „своите“.
Додека Мицкоски држи говори за заслуги, неговите луѓе и партнерите од коалицијата си делат милиони преку јавни набавки.
Ова е систематизирана распределба на парите на граѓаните меѓу привилегираните.
Дали ДКСК и Јавното обвинителство располагаат со овие сознанија, а сепак не преземаат никакви мерки за овие скандали?


