Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Лукаревска: Власта сака изборен грабеж, затоа сака електронско гласање без контрола

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, во гостувањето во емисијата „24 Анализа“ рече дека СДСМ нема да дозволи изборен грабеж и нема да поддржи измени на Изборниот законик без јасни законски и безбедносни гаранции. Таа истакна дека предложените измени не смеат да ги загрозат демократските стандарди и интегритетот на изборниот процес.

„За еден ваков реформски закон, којшто требаше да биде по европски модел, треба да се разговара и за вакви клучни прашања да имаме консензус од сите политички субјекти во општеството. Потребно е ревидирање на членот којшто предвидува електронско гласање на дијаспората без контрола и без механизам на заштита“, рече Лукаревска.

Таа предупреди дека предложеното решение не содржи основни механизми за заштита на изборниот процес.

„Таму немаме ниту постапка, ниту безбедност, ниту контролни механизми. Наместо да се донесе закон којшто ќе биде базиран на консензус, сега имаме една комплетна спротивност од сето тоа. Не е само електронското гласање клучната причина поради која поднесовме огромен број амандмани, туку таму има и повеќе други точки коишто се камен на сопнување во рамки на преговарачкиот процес. Не можеме со подзаконски акт да решаваме ваква крупна постапка. Треба најпрвин да се донесе закон за електронско гласање во рамки на Собранието, каде што ќе бидат наведени сите битни сегменти и критериуми за тоа како ќе се одвива целата постапка. Па врз основа на тоа законско решение Државната изборна комисија да донесе подзаконски акти.“, рече Лукаревска.

Таа нагласи дека СДСМ не е против гласањето на дијаспората, како што сега власта сака да прикаже, затоа што дијаспората и сега гласа, СДСМ е против изборен грабеж и бара безбеден и кредибилен систем.

„Ние сме за тоа дијаспората да гласа, и таа и сега гласа. Но, на овој начин – не. Треба најпрвин да направиме пилот-проект за успешно да се воведе електронското гласање до 2029 година. Да ги видиме безбедносните критериуми. Да ги видиме независните сервери.“, потенцираше Лукаревска, во „24 Анализа“.