Општина Центар од почетокот на годинава исплати вкупно 1.345.573 денари за поддршка на новороденчиња, со реализирани 142 исплати на територијата на локалната самоуправа. Постапката се одвива редовно, согласно пристигнатите барања.
За новороденчиња родени во 2026 година, износот на еднократната финансиска помош е зголемен и изнесува 10.000 денари. Претходно, надоместокот изнесуваше 7.000 денари, што претставува зголемување од 50%.
„Го зголемивме надоместокот од 7.000 на 10.000 денари со цел да им помогнеме на семејствата во најчувствителниот период, кога добиваат нов член и се соочуваат со зголемени трошоци. Секое дете е наша радост, иднина и најголемо богатство “, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
За остварување на правото на парична помош за новороденче потребна е следната документација: барање за доделување парична помош за новороденче; копија од извод од матична книга на родените за новороденчето; копии од важечки лични карти од родители, со адреса на живеење или престој во Општина Центар; копија од трансакциска сметка на барателот.
Образецот за барање за 2026 година е достапен на општинската веб-страница.
Локалната самоуправа континуирано ја реализира оваа мерка за поддршка на семејствата и унапредување на квалитетот на животот.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


