учествуваат во процесот на стабилизација и асоцијација во Југоисточна Европа).
Конференцијата традиционално се организираше со поддршка на Советот за регионална соработка и GIZ – Германско друштво за интернационална соработка во име на Германското федерално министерство за економска соработка и развој.
Покрај претставниците од нашата земја, на настанот учествуваат делегации од парламентарните комисии за европска интеграција/прашања на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, додека гости беа собраниски делегации од Турција и Грузија.
Конференцијата ја отвори и со неа претседаваше Антонијо Милошоски – потпретседател на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања.
Милошоски истакна дека регионалната соработка е голем приоритет за нашата земја. Движечка мета е реформската агенда изработена со Европската комисија, која е поврзана со Планот на раст. Реформите се корисен процес за секоја област од животот. Нема земја од Регионов која се сомнева во процесот на евроинтеграција и сите се стремат кон членство во ЕУ – рече Милошоски.
Поздравно обраќање имаше претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој истакна дека конференциите на КОСАП играат голема улога во регионалната соработка, која е суштинска за забрзување на процесот на интеграција на Западниот Балкан во ЕУ.
„Проширувањето на ЕУ претставува една од најважните политики за долгорочната стабилност, безбедност и просперитет на целиот европски континент. Земјите од Западен Балкан припаѓаат во ЕУ – не само географски, туку и вредносно и историски. Определбата на нашата држава е водење активна регионална соработка, промоција на инфраструктурни проекти и придонес кон стабилна, безбедна и економски поврзана Европа – заклучи Гаши.
Присутните ги поздравија и Петра Дрекслер, амбасадорка на Германија и Амер Капетановиќ, генерален секретар на Регионалниот совет за соработка.
Дрекслер истакна дека работата на земјите кандидати за ЕУ треба да се фокусира на суштината на неопходните реформи. Преку претпристапна стратегија да се забрза напредокот кон европскиот пат со цел да се комплетира Унијата како вистинска Европска Унија.
Капетановиќ зборуваше за тоа што е КОСАП и што треба да биде, дека тоа не е само место каде што ќе се разговара, туку место каде ќе се случат промени. Тој ги спомена многубројните иницијативи, стратегии, заедничкиот пазар, ратификуваните договори, Планот за раст, сето тоа како помош за олеснување на целокупниот живот. Но, идните активности треба да се координираат на регионално ниво и во таа насока повика на поголема вклученост на законодавната димензија, односно на Парламентите.
Во рамките на Конференцијата се одржаа три тематски сесии.
Првата сесија беше посветена на улогата на Берлинскиот процес во зајакнувањето на регионалната соработка на Западен Балкан. Говорници беа Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во нашата земја и Јелена Милош, претседателка на Комисијата за европски прашања на Хрватскиот сабор.
Амбасадорот Рокас истакна дека се создадени одлични иницијативи за регионална интеграција. Шесте милијарди евра доделени за Западен Балкан се придружна алатка на реформите. Продолжува вербата дека нема друг пат освен европскиот и затоа се важни политичките чекори – заврши Рокас.
Јелена Милош даде хрватска поддршка за евроинтеграциите на Западен Балкан, кој предолго чека пред прагот на ЕУ. Во оваа насока, упати апел до парламентарците да говорат гласно за забрзување на овој процес. Моментумот за проширување е сега, во пресрет на референдумот во Исланд и не треба да се пропушти „возот“ со Молдавија и Украина.
Втората сесија се фокусираше на унапредување на регионалната поврзаност преку модерна транспортна инфраструктура; енергетска безбедност и зелена транзиција. Своe излагањe имаше Мирослав Лабудовиќ, заменик-министер за енергетика, рударство и минерални суровини, кој истакна дека енергетската сигурност е заедничка регионална одговорност. Тој побара висок степен на одговорност, со фокус кон прецизно исполнување на европската регулатива во домашното законодавство. За таа цел е неопходен партнерски пристап од ЕУ.
Темата на третата сесија беше: Процесите на европска интеграција на земјите од Југоисточна Европа во рамките на актуелниот геополитички контекст, каде се обратија Зоран Димитровски, заменик-министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Малинка Ристевска-Јорданова, експерт за ЕУ, членка на Советот за безбедност.
Димитровски истакна дека е важно земјите од Западен Балкан да соработуваат меѓусебно и да ги решат меѓусебните децениски конфликти. Тој ги спомена историски идентитетските барања за нашата земја за влез во ЕУ како уникатен случај. Во тој контекст апелираше Европа да се врати на своите принципи, да не нè условува со билатерални прашања, надвор од копенхашките критериуми. „Ние сме Европа како и сите други“ – заврши Димитровски.
Ристевска-Јорданова зборуваше за проширувањето како геополитичка ургентност, главно мотивирано од Украина. И ЕУ и Западен Балкан ги осознаваат реалните проблеми на патот кон проширувањето. Битно е што Германија и Франција излегуваат со предлог, кој е доста внимателен.
Во отворени дискусии меѓу сесиите, учесниците имаа можност да ги искажат своите ставови. Беше истакнато дека Балканот одамна требаше да биде дел од големото европско семејство, но за да бидеме дел од Европа и ние треба да сме Европејци. Тие посакаа конкретизација на зборовите од Самитот Западен Балкан – ЕУ кој истовремено се одржува во Црна Гора. Со германско-францускиот предлог ќе имаме подобри перспективи – се мислењата на дискутантите. Во меѓувреме, реформите да продолжат, да се зајакне регионалната соработка и да престанеме да се блокираме едни со други.
На маргините на Конференцијата на брегот на Охридското Езеро се остварија повеќе билатерални средби меѓу учесниците.
Конференцијата КОСАП заврши со усвојување на заедничка изјава, со издвоено мислење од Делегацијата на Албанија.
фото Собрание
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


