Лидерот на опозициската партија Тиса, Петер Маѓар, по објавувањето на изборните резултати им упати благодарност на граѓаните за поддршката, истакнувајќи дека новата власт ќе се фокусира на создавање модерна, европски ориентирана и ефикасна Унгарија.
Преку јавна објава, Маѓар оцени дека довербата што ја добиле на изборите претставува силна обврска за спроведување на ветените промени. Тој нагласи дека резултатот не е само политичка победа, туку и јасен сигнал за потребата од реформи.
„Им се заблагодарувам на сите Унгарци во земјата и низ целиот свет. Ни ја покажавте вашата доверба и ни дадовте најголем број гласови досега за да формираме влада што ќе работи за слободна, европска, добро функционална и сочувствителна Унгарија“, рече Маѓар.
Тој потенцираше дека идната влада ќе делува во интерес на сите граѓани, без поделби, со цел обезбедување стабилност, развој и подобар животен стандард.
Маѓар додаде дека ќе работи посветено и континуирано за напредокот на земјата и благосостојбата на народот, упатувајќи и лична порака по изборната победа: „Боже, помогни ми“.


