Според најновите анализи на агенцијата „Медијан“, опозициската партија „Тиса“, предводена од Петер Маѓар, бележи убедливо водство на изборите, со околу 55,5 проценти од гласовите. Наспроти тоа, владејачката Фидес на Виктор Орбан се очекува да освои значително помал дел – околу 37,9 проценти.
Во исто време, крајнодесничарската партија „Нашата татковина“ (Mi Hazánk) се проценува дека ќе добие околу 3,9 проценти од поддршката.
Доколку овие резултати се пресликаат во пратенички мандати, „Тиса“ би можела да се приближи до двотретинско мнозинство во парламентот, освојувајќи меѓу 131 и 139 места. За Фидес, пак, се предвидува далеку поскромен резултат, со меѓу 59 и 67 пратенички позиции.
Инаку, унгарскиот парламент брои вкупно 199 пратеници.
Важно е да се напомене дека станува збор за проценки базирани на обемно истражување спроведено во изминатите три дена, а не за класични излезни анкети, што значи дека конечните резултати допрва треба да се потврдат.


