Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го стави Гренланд во фокусот со објава на Truth Social, тврдејќи дека испраќа голем болнички брод на островот. Тој напиша дека, во соработка со гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, ќе испратат брод „да се грижи за многуте болни луѓе за кои никој не се грижи“.
Заедно со објавата, Трамп сподели слика од USNS Mercy, создадена со вештачка интелигенција, и напиша: „На пат е!!!“.
Многу детали остануваат нејасни. „Не знаеме зошто Трамп го објавува ова сега и дали бродот навистина е на пат кон Гренланд“, вели Јакоб Крог, дописник за данската државна телевизија во САД.
Данскиот министер за одбрана, Троелс Лунд Поулсен, потврди дека Данска нема сознанија за бродот и дека жителите на Гренланд веќе ја добиваат целата потребна здравствена заштита.
Двата американски болнички брода, USNS Mercy и USNS Comfort, се на реновирање во бродоградилиштето во Мобајл, Алабама, и не се на пат кон островот.
Објавата на Трамп следеше по евакуацијата на американски морнар од подморница близу Нуук, кој итно бил префрлен во локална болница со хеликоптер на данската одбрана.
Трамп во последните месеци јавно повторува дека сака САД да го преземат Гренланд, кој според него е „клучен за националната безбедност на САД“. Данска и Гренланд одбиваат вакви предлози, а ЕУ и НАТО повикуваат на почитување на суверенитетот и меѓународното право, истакнувајќи дека Арктикот е „област на соработка, а не на конфронтација“./Извор:Makfax


