Centar.mk
photo created by AI
СВЕТ

Taткото и синот кои го извршиja масакрот во Австралија на семејството му рекле дека одат на риболов, се истражуваат врските со Исламска држава

Таткото и синот одговорни за масакрот на плажата Бонди, во кој беа убиени 15 лица, на своето семејство му рекле дека за викенд одат на риболов.

Саџид Акрам (50) и неговиот син Навид Акрам (24) се идентификувани како напаѓачи, а полицијата сега ги истражува нивните наводни врски со Исламска држава, пишува „Тајмс“.

Кои се напаѓачите од плажата Бонди?

Полицијата го усмрти Саџид Акрам на местото на настанот, додека неговиот син Навид беше застрелан, но преживеа. Двајцата живееле во скромен бунгалов во Бонириг, на крајниот запад од Сиднеј. Според полициските информации, за викендот изнајмиле сместување преку „Ербиенби“ во Кампси, од каде што и се упатиле кон плажата. Полицијата извршила претрес на двете локации.

Навид Акрам бил невработен ѕидар, кој пред два месеца останал без работа откако компанијата во која работел заминала во стечај. Неговата мајка, идентификувана како Верена, изјавила за новинарите дека синот ѝ рекол дека одат на риболов во Џервис Беј, популарна дестинација околу стотина километри јужно од Сиднеј.

„Ми се јави во неделата и рече: ‘Мамо, токму што се капев. Нуркав. Сега ќе останеме дома бидејќи надвор е многу жешко’“, го прераскажала неговиот последен повик.

Врска со Исламска држава

Истрагата доби нов правец откако возилото со кој напаѓачите пристигнале во Бонди, било пронајдено знаме на Исламска држава, како и импровизирани експлозивни направи. Полициски извори откриле дека таткото и синот минатиот месец ги посетиле Филипините, што поттикнало сомнежи дека таму паднале под влијание на исламски екстремисти. Познато е дека на Филипините дејствува Исламска држава Источна Азија, огранок на таа терористичка група.

Таткото, Саџид Акрам, имал дозвола за оружје повеќе од десет години и поседувал шест регистрирани парчиња огнено оружје. Полицискиот комесар на Нов Јужен Велс, Мал Лејнон, потврди дека тој имал дозвола за оружје од 2015 година.

„Таткото поседувал дозвола за оружје од 2015 година“, изјави Лејнон, додавајќи дека Акрам имал шест легални парчиња огнено оружје, кои сега се запленети.

„Беше член на ловечки клуб“, рече Лејнон. Подоцна било утврдено дека Акрам бил член на Ловечкиот клуб „Застава“, чие седиште се наоѓа во Бонириг, на помалку од два километри од неговиот дом. Членството во клуб и валидна причина се предуслов за легално поседување оружје, а наведената причина на Акрам била рекреативен лов. Ловечкиот клуб „Застава“ во Сиднеј, инаку, го водат припадници на српската заедница, пренесе „Индекс“.

Истражителите утврдиле дека двајцата вежбале пукање на стрелиштето во Сесил Парк. Истрагата сега треба да утврди дали запленетото оружје е токму она за кое Акрам имал дозвола. Во паричникот на неговиот 24-годишен син била пронајдена членска картичка од споменатото ловечко здружение, но сè уште не е официјално потврдено дека и синот бил член на истиот клуб.

Што знаеле властите за напаѓачите?

Австралискиот премиер Ентони Албаниз изјави во понеделникот дека домашната разузнавачка агенција АСИО го имала помладиот Акрам „на радар“ уште пред шест години.

„Синот првпат влезе во фокусот во октомври 2019 година“, им рече Албаниз на новинарите.

„Тој беше испитан, а проценката беше дека нема индикации за каква било постојана закана или закана дека ќе се впушти во насилство“, појасни премиерот. „Проценката беше направена поради врските што ги имал во тоа време, а истрагата траеше шест месеци.“

Албаниз подоцна додаде дека Навид Акрам не бил на ниту една листа за следење на терористи. За австралиската телевизија АБЦ изјави дека „нема докази за дослух, нема докази дека овие луѓе биле дел од ќелија“, но потврди дека биле мотивирани од „екстремистичка идеологија“. Тој исто така потврди дека полицијата не трага по трето лице поврзано со нападот.

Мотивот сè уште под истрага

Полицискиот комесар на Нов Јужен Велс, Мал Лејнон, изјави дека помладиот Акрам бил „многу ограничено“ познат на полицијата и дека пред неделниот масакр немало никакви индикации дека се подготвува напад.

Полицијата денес соопшти дека е прерано за потврда на мотивот на нападот, вклучително и шпекулациите дека цел била еврејската заедница во Сиднеј, која во неделата го славела првиот ден од Ханука.

„Сакам на нашите истражители да им дадам можност темелно да истражат без шпекулации“, рече комесарот. „Слушнавме дека пристигнувале многу информации. Сакам да се погрижам дека се точни… нашата истрага ќе биде темелна.“/Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Аналитичар: Ако ЕУ навистина сака да се прошири, тоа мора да се одрази во новиот буџет

C +

Австралискиот премиер предложи построги закони за оружје по убиството на 15 лица на плажата Бонди

C +

Пентагон откри нови детали за хиперсоничното оружје „Темниот орел“

C +
error: Соддржината е заштитена.