Centar.mk
СВЕТ

Нордиските и балтичките земји издвојуваат 430 милиони евра за купување оружје за Украина

Министрите за одбрана на Данска, Естонија, Финска, Латвија, Литванија, Норвешка, Шведска и Исланд во заедничка изјава соопштија дека нивните земји ќе издвојат вкупно половина милион долари (430 милиони евра) за купување американско оружје за Украина.

Во заедничка изјава, која беше објавена на веб-страницата на финското Министерство за надворешни работи, по состанокот на министрите на тие земји во Хелсинки, се наведува дека министрите на осумте земји ја потврдуваат својата „посветеност на безбедноста на Украина, што е фундаментално за европската безбедност“, пренесува Укринформ.

„Обединети сме во нашата потрага по одржлив и праведен мир, со целосно почитување на суверенитетот на Украина и легитимните аспирации на нејзиниот народ“, се наведува во соопштението.

Претставниците на осумте земји се обврзаа на одржување долгорочна, предвидлива и координирана воена поддршка за Украина, вклучително и соработка во областа на одбранбената индустрија и зајакнување на способноста на Украина да одговори на идна руска агресија.

„За да ја покажеме нашата поддршка, заеднички одлучивме да придонесеме со пакет од 500 милиони долари за иницијативата „Приоритетна листа на барања на Украина“ (PURL). Оваа иницијатива обезбедува механизам за купување критична одбранбена опрема од Соединетите Американски Држави, директно придонесувајќи кон отпорноста и одбраната на Украина од руска агресија. Ова е еден од многуте начини на кои нашите нации ја поддржуваат Украина“, се вели во соопштението./Извор:Makfax

error: Соддржината е заштитена.