Бројот на жртви од тајфунот Калмаеги на Филипините се искачи на најмалку 66, додека жителите на најтешко погодената покраина Себу се справуваат со уништувањето. Уништени домови, улици преполни со урнатини и уништени животи се мрачната слика што ја остави бурата додека се движи кон Виетнам, објавува Си-ен-ен.
Во градот Талисај, преживеаните ги пребаруваат остатоците од своите домови со надеж дека ќе спасат нешто вредно. Меѓу нив е и 38-годишната Ејлин Окен, која ја пронајде својата куќа целосно уништена.
„Работевме и штедевме со години за ова, а потоа во еден миг, сè исчезна“, рече таа, со треперлив глас, додавајќи дека е благодарна што нејзиното семејство, вклучувајќи ги и нејзините две ќерки, се неповредени.
Откако се повлекоа поплавните води, во Себу, популарна туристичка дестинација, беа откриени сцени од катастрофа: урнати куќи, превртени возила и купишта урнатини насекаде. Струјата е сè уште во прекин на многу места, а телекомуникациските услуги се со прекини.
Според најновите бројки, 66 лица загинаа, 26 сè уште се водат како исчезнати, а 10 се повредени. Меѓу загинатите се шест војници чиј хеликоптер се урна за време на мисија за помош на островот Минданао.
Фотографиите и видеата од Филипинскиот Црвен крст покажуваат како спасувачите газат низ вода длабока до колена во Себу, користејќи чамци за да стигнат до жителите заробени во поплавените домови. Во северниот град Лилоан, домовите беа поплавени до таа мера што беа видливи само покривите./Извор:Makfax


