Во првичната примена на измените на Законот за електронски комуникации, Министерството за дигитална трансформација издаде налог за блокирање на 53 интернет-платформи кои нелегално приредувале игри на среќа на територијата на Македонија. Овој потег, оценет како позитивен од АСОМ – Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија, е прв системски чекор во борбата со нерегулираните онлајн обложувалници.
„Ги поздравуваме конкретните акции што институциите ги преземаат за имплементација на законските механизми. Но, ова мора да биде почеток на еден континуиран процес, а не изолиран случај. Дополнително, како Асоцијација апелираме за построга контрола врз спроведувањето на овие законски одредби и од страна на телекомуникациските оператори. Според нашите информации не сите оператори ги имаат блокирано веб-страните за кои е издаден налогот од Министерството за дигитална трансформација“, порачува Васко Илијевски, претседател на АСОМ, во интервју за „Фокус“.
Од АСОМ укажуваат дека пазарот сè уште е преплавен со илјадници нерегулирани домени и платформи, кои работат без лиценца, без контрола и без какви било обврски кон државата. Дополнително, потенцираат дека процесот треба да биде транспарентен, со јавно достапни листи и јасни критериуми, за да се врати довербата во правната рамка.
Особено се посочува примерот со онлајн платформата MegaWin.mk, која и по одлуките на Владата сè уште е активна и достапна, иако сите останати платформи во кои учествуваше државата преку Државната лотарија беа укинати.
„Очекуваме истата законска рамка да важи за сите. Не смее да има селективна примена – ни од технички, ни од политички причини“, истакнува Илијевски.
Во интервјуто, Илијевски потенцира дека АСОМ располага со конкретни информации и експертиза кои можат да бидат од корист на институциите. Асоцијацијата изразува подготвеност за институционална соработка во идентификација и блокирање на нелегалните платформи и предлага отворање на дијалог со надлежните сектори во Министерството за дигитална трансформација.
Како пример за добра практика, АСОМ го посочува моделот на Грција, каде што над 10 илјади нелегални платформи се блокирани преку централизиран систем т.н. „црна листа“, која редовно се ажурира.
Дополнително, од АСОМ укажуваат дека борбата против нелегалните онлајн игри на среќа не се води само преку блокирање на пристапот до интернет апликациите, туку и преку контрола и ограничување на финансиските трансакции кон нелегалните оператори. Овие практики успешно се применуваат во многу европски земји, вели Илијевски.
„Банкарскиот сектор треба да има улога во спречувањето на уплати кон платформи што не се лиценцирани, односно кон субјекти што не се во системот на контрола“, вели Илијевски.
Индустријата на игри на среќа е една од најрегулираните. Очекуваме да се третира така и од институциите. Само преку еднаква примена на законот може да се обезбеди фер пазар и заштита на играчите, заклучува Илијевски од АСОМ.