Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Александар Н. би можел да биде „втор Черчил“ е темел за добра комедија

„Стратешкиот договор наредната недела, во кабинетот на Черчил, ќе имам чест да го потпишам јас“, вели вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николовски. Приметувате? Луѓето за своето властољубие измислуваат возвишени приказни во кои никој не верува. Што очекува Николовски сега, како себе се доживува – за херој? 

Седам во кафана со луѓе, некои ми се наклонети, а некои подозриво ме гледаат. Некои ми упатуваат шеги на моја сметка, гледам дека лудо се забавуваат. Им велам дека е лесно да удирате на пристоен и чесен човек кој утре може да го нема. 

„Ќе те жалиме мој курац“, ми велат. 

„Кога тебе ќе те нема, така јако ќе се напиеме, а потоа ќе евоцираме спомени од твоите јавно изречени глупости; утредента ќе отидеме мамурни на работа“. 

„И тоа ли е се’“, прашувам.

„Да, тоа е се’“, ми враќаат.

Низ годиниве сум приметил неколку работи – луѓето, а особено оние кои за себе „тепаат“ дека се писатели/колумнисти, притоа таквите обично се лишени од сопствена автоиронија – неподносливи ми се. Има луѓе кои додека зборуваат за себе, испуштаат тон во јавноста како да го пишуваат својот тестамент: прават долги паузи помеѓу зборовите, небаре треба да помине воз од Скопје за Благоевград; со смртна сериозност ја потцртуваат секоја тривијалност, секое општо место кое треба да пројде. Небаре запишуваат историја. 

Од друга страна, блиски ми се оние луѓе кои не се „перчат“ дека испишуваат историја; блиски ми се оние луѓе кои историјата ја презираат; блиски ми се оние луѓе кои историјата ја трпат, блиски ми се оние кои историјата, тоа чудовиште, чекаат покрај нив да помине. Реков погоре, постојат колумнисти/писатели кои се лишени од својата автоиронија, па посетуваат паркови во кои меркаат места за својата биста, таквите ми се неподносливи. 

Полоши од таквите се политичарите кои за себе сметаат дека може да бидат „нови Черчили“. Знаете она: се изнајадов гомна за да ја грабнам власта, ама сега ќе се обидам да бидам како Черчил, па ќе ги остварам сите возвишени идеали. Како да нема жив човек што не разбира дека во политиката се работи за три работи: секс, пари и моќ. Поточно, како што не учеше еден мудар човек: се’ на светот има врска со сексот. Освен самиот секс – кој е прашање на моќ.

Да сакаш власт значи да сакаш секс, пари и моќ. Па, сепак, луѓето за своето властољубие измислуваат возвишени идеали во кои никој не верува.

Александар Николовски за себе, немам сомнеж во тоа, смета дека е херој. Икона на „конзервативната“ политика на Македонците. На Александар Николовски му посакувам долг и среќен живот, ама не и’ да ја оствари политиката за која се залага. Поточно да не’ успее во она кое други го доведоа на власт како втор човек во владата. Херои пишуваат историја, ама не и’ кукавици. Обично затоа што хероите живеат во егзил или се мртви, а кукавиците најчесто преживуваат, а не само што преживуваат, туку ја приграбруваат и целата власт на драго срце, без воопшто да се прашаат дали е тоа нормално, паметно или етично. 

Од премисата дека некој може да биде Черчил, или со други зборови, лажно претставувајќи ни се, настануваат шармантни комедии. Човек кој само до вчера „местеше сообраќајки“ на директива на оној несреќен Миле Ј., овие денови, ете, читаме, ќе потпишувал договор во кабинетот на Черчил. Ако ова не е комедија, не знам што друго би можело да биде. 

Не знам дали сте го гледале римејкот на La Cage aux Folles на Едуард Молинар, се вика „Кавез за птици“ на Мајк Николс. Во тој филм, имено, геј пар кој држи кафана со име „Кавез за птици“, присилен е да нагости ултраконзервативен политичар со неговата сопруга. Син на геј родителот е, имено, верен за ќерка на републикански сенатор, па ред е родителите да се запознаат. 

Вечерата се одвива така што геј родителите се претвараат дека се хетеросекусален пар, додека под нив, во „Кавезот за птици“ се одвива раскошна геј забава, за мене претставува непресушен извор на комедија.

Или да ви дадам уште еден многу популарен пример: го знаете оној филм со Мерлин Монро „Some like hot“? Во тој филм, додека бегаат од гангстери, Тони Куртис и Џек Лемон се препреваат дека се жени. Се сеќавате на генијалниот крај на тој филм? Кога милионерот Osgood Fielding ја запросува Daphne, кој го глуми Џек Лемон, овој/оваа ја кине периката и вели: 

„Јас сум маж“.

На тоа Osgood вели:

„Никој не е совршен“. 

Лажно претставување од типот дека вие би можеле да бидете „втор Черчил“, е темел за комедија. Баш како што ви е исто и со „конзервативната“ политика. 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.