Интегрален текст од денешната прес конференција на СДСМ, Миле Талески – пратеник:
Почитувани,
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, човекот кој е на чело на системот што требало да спречи ваква катастрофа, не само што не поднесе оставка, туку бега од одговорност како да воопшто не бил тој и неговите началници одговорни на денот на пожарот.
Ако се следи истрагата се добива впечаток дека настанот се случил во некое друго време со некоја друга власт.
Поминаа точно 30 дена од трагедијата во Кочани, а Тошковски сè уште не најде ниту еден виновен во актуелните началници и службеници на МВР кои биле директно одговорни за безбедноста на граѓаните.
Наместо денес да се жали на Фејсбук како опозицијата го напаѓала, треба да си поднесе оставка како минимум чин на лична одговорност. Пред оставката, треба да ги приведе сите седум началници за кои сите правни експерти во државата јасно кажаа дека имаат директна одговорност за настанот.
Додека обични службеници се гонат и носат на распит, додека истрагата веќе стигна и до 2012 година, лицата кои реално имале моќ и обврска да спречат трагедија – остануваат недопирливи.
Началници, командири, луѓе од БЈБ, па дури и полицајци што биле таа вечер на лице место – никој од нив не е ниту повикан, ниту истражуван. Тоа е срамно. Тоа е директен доказ за селективна правда.
Има ли поголем доказ за морален пораз од тоа што советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Кочани поднесе оставка, а министерот не?
Како е можно политички претставник на локално ниво да покаже повеќе карактер од човек кој води едно од најмоќните министерства?
Дури Тошковски измислува некакви алијанси и на празно обвинува, нема никакви алијанси, има само прашања на кои тој не дава одговори.
СДСМ нема да молчи, му порачуваме на Тошковски своите писанија на Фејсбук да си ги чува за себе.
Ниту ќе нè заплаши, ниту ќе нè замолчи. Ќе продолжиме да ги отвораме овие прашања и ќе инсистираме на целосна, неселективна и независна истрага.
Ќе бараме да се истражи и одговорноста на оние кои биле на врвот – затоа што токму тие ја водат полицијата која гледала, знаела, а не направила ништо.
Правда за Кочани нема да има додека тие што можеле да спречат трагедија не одговараат. Не само кривично – туку и институционално, и политички. А тоа започнува со оставка на Панче Тошковски.
Ако тој не сака да си поднесе оставка – тогаш јавноста ќе му ја побара. Граѓаните имаат право да знаат зошто институциите молчат. И зошто функционерите од ВМРО-ДПМНЕ се третираат како недопирливи.