Кандидатите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за претстојните локални избори ќе бидат луѓе кои најдобро ќе нè претставуваат, кои ќе работат за доброто на граѓаните и ќе го исполнат тоа што ќе го ветат, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање по завршувањето на денешните внатрепартиски избори.
„Во следниот период почнува сериозната подготовка за локалните избори. Ќе ги избереме луѓето кои најдобро ќе нè претставуваат на локалните избори – луѓе кои ќе имаат кредибилитет да излезат во своите средини, пред своите соседи, пријатели и познаници во своите општини. Луѓе на кои ќе може да им се верува дека политиките и програмите што ќе ги ветат – ќе можат и да ги исполнат“, рече Филипче.
Притоа, Филипче истакна дека состојбата во општините со кои во моментов раководат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ е сериозно загрижувачка, и дека нема проекти во интерес на граѓаните.
„Ќе имаме тешка задача, затоа што ќе се бориме во многу општини со политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ. За жал, нивните градоначалници не испорачуваат добри политики. Гледаме како излегуваат сè повеќе корупциски скандали. Не ги водат општините така како што треба – нема проекти за доброто на граѓаните. Го гледаме тоа по примерот на Скопје. Поради инаетот и бизнис интересите на градоначалничката на Скопје и ВМРО-ДПМНЕ, нема јавен превоз, нема чисти улици, нема ниту еден проект за доброто на граѓаните. Мораме да покажеме дека знаеме и умееме – како Скопје повторно да го направиме метропола, чист и развиен град“, порача Филипче, кој на денешните внатрепартиски избори го доби новиот четиригодишен мандат за претседател на СДСМ.