Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ИНТЕГРИТЕТОТ КАКО СТОЛБ НА ДОБРОТО ВЛАДЕЕЊЕ – ДКСК СО ОБЕМЕН ИЗВЕШТАЈ И ПОВИК ЗА ПОГОЛЕМА ИНСТИТУЦИОНАЛНА ОДГОВОРНОСТ

Соопштение на ДКСК:

Државната комисија за спречување на корупцијата како столб на интегритетот и непристрасната борба против корупцијата, со особена гордост и чувство на одговорност го објавува Извештајот од спроведениот мониторинг на имплементацијата на системот за интегритет за 2024 година, со кој се презентираат не само резултатите од спроведените политики туку и јасната визија за натамошно јакнење на институционалниот капацитет на државата.

Во период кога довербата во институциите е клучен предуслов за развој, стабилност и праведност, ДКСК со овој извештај повторно ја потврдува својата улога како морален и системски коректив на јавната власт, посветена на градење отпорен систем кој ги штити јавниот интерес и етичките вредности.

Што покажуваат податоците?

Мониторингот го опфати:
–    72 институции од централната власт,
–    72 единици на локалната самоуправа,
–    16 институции од правосудниот сектор.
Од нив:
–    Само 50 институции од централната власт ја исполнија обврската за пополнување на прашалникот,
–    38 општини одговорија целосно,
–    Само 6 правосудни институции го спроведоа процесот на мерење.
Со тоа, ДКСК ги идентификува и институциите кои покажуваат сериозна ангажираност, како и оние кај кои има простор за значително унапредување.
Оваа бројка говори за напредок, но истовремено и за предизвик, кој нѐ повикува на заедничка мобилизација и решителна акција.

Кои институции се најдобро рангирани?

Во духот на објективност и вреднување на постигнувањата, ДКСК ја презентира ранг-листата на најуспешни институции според степенот на имплементација на системот за интегритет.
Врвот го заземаат:
Државен завод за ревизија – 92,3%
ДКСК – 82,31%
МАПАС – 80,77%
Министерство за внатрешни работи,
Царинска управа – 77,3%
Овие институции се пример на добра практика, ориентирани кон отчетност, етичка дисциплина и транспарентност, и заслужуваат јавна пофалба.

Партнерства за одржлива трансформација
Во текот на 2024 година, ДКСК реализираше низа стратешки и оперативни активности во соработка со меѓународни партнери и национални чинители:
🔹 Со поддршка на ОБСЕ – Мисија во Скопје, одржани се регионални работилници со градоначалници и обуки за лицата за интегритет во општините;
🔹 Со поддршка на УСАИД, организирана е национална работилница за управување со дискрециони овластувања, како важен ризик-фактор за појава на корупција;
🔹 Спроведени се напредни обуки и практични работилници за службени лица, преку кои се унапредени знаењата, но и мотивираноста за примена на етички стандарди.

Главни наоди :
Непостоење на интерни акти за судир на интереси – во дури 54% од институциите;
Недоволна регулатива за подароци и гостопримства – само 52% имаат прописи;
Ниска сертификација со ИСО стандарди за квалитет – под 50% одговорност;

Обуки за интегритет и антикорупција одржани само во 48% од институциите;
Ниско ниво на самостојно следење на интегритетот од страна на самите институции.

Препораки и насоки – што следува во 2025?
Ревидирање и прецизирање на методологијата за мониторинг;
Унапредување на техничката платформа, за полесен пристап и пополнување на обврските;
Активна промоција и зголемување на бројот на потписници на Политиката за интегритет – во првиот квартал од 2025 година, ДКСК веќе упати повик до над 130 институции за приклучување.

ДКСК: Интегритетот не е формалност – тој е избор и обврска
„Интегритетот не е административна одредба, туку цивилизациски стандард. Тоа е вредност која се гради секојдневно, со дела, со храброст и со посветеност. ДКСК ќе продолжи со уште поголем интензитет, знаење и партнерска енергија да го гради и штити интегритетот на институциите, но и да го бара кај секоја институција – без разлика на нејзиниот опсег или статус.“

ЛИНК ДО ИЗВЕШТАЈОТ