Во Латвија има 1.562 атомски засолништа, а се размислува за изградба на нови, покажува истражувањето на Државната противпожарна и спасувачка служба (ВУГД). Овие објекти може да примат 533.000 луѓе, наведува порталот „ЛСМ плус“ додавајќи дека Латвија има приближно 1,8 милион жители. Првиот човек на ВУГД, Мартинш Балтманис, вели дека службата досега извршила контрола само на објекти во сопственост на државата и општините, од вкупно 4.710 објекти како такви.
„Според Државната копнена служба, во Латвија има 28.000 такви згради. Значи, има уште 23.000 згради што имаат подземен или подрумски дел, тоа се секако приватни сопственици, но мора да почекаме измени во законот. Ова истражување го направивме за да видиме колку прифатилиштата се усогласени со упатствата“, рече тој и додаде дека едно од насоките е прифатилиштето да биде 0,75 квадратни метри од лице.
Министерот за внатрешни работи, Рихардс Козловскис, посочи дека луѓето треба да разберат оти засолништата се привремени места на живеење, каде што, на пример, во случај на воздушен напад, кога се огласуваат сирените, луѓето може да се засолнат два или три часа додека е во сила алармот. Како што е наведено во планот, воведувањето на специјалната апликација на ВУГД, „112 Латвија“, на граѓаните ќе им покаже каде се најблиските засолништа, како и најбрзиот начин да дојдат до нив.
Во главниот град Рига има речиси 400 засолништа што работат како јавни институции, а најголем број од нив се образовните институции – училишта и градинки, кои имаат капацитет за приближно 200.000 луѓе, што е околу една третина од граѓаните на градот, известува порталот „ЛСМ плус“.
На 32 локации се поставени табли за зелени засолништа, соопшти Градскиот совет на Рига, додавајќи дека тоа значи оти се почитувани сите процедури – целосно соодветни простории и лица одговорни за отклучување на објектите во рок од 24 часа во случај на криза.
Заменик-градоначалничката на Рига, Линда Озола, рече дека во годинешниот буџет на Рига се наменети 1,5 милион евра за реновирање и подобрување на прифатилиштата, а се очекува оваа сума да овозможи реновирање на 30 прифатилишта.
„Ги идентификувавме овие 30 локации“.
„Исто така, многу јасно е дека 49-тото средно училиште е една од локациите каде што годинава ќе се спроведуваат подобрувања“, рече таа. Почнувајќи од оваа година, со цел да ги мотивира приватните сопственици да поставуваат засолништа на своите имоти, Градското собрание на Рига воведе даночни олеснувања до 25 проценти од даноците на недвижности за компаниите што се приспособуваат, подобруваат и, доколку е потребно, градат засолништа и се планира кофинансирање и за сопствениците на куќи што сакаат да постават засолништа на приватно земјиште.
„Луѓето треба да преземат одговорност за сопствената безбедност. Никој од општината нема да влезе во подрумите на приватни куќи или станбени блокови, нема да изнесува стари гуми или мебел надвор“, изјави градоначалникот на Рига, Вилнис Ќирсис/Извор:Makfax