12. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВ

Храбро срце во машки ринг

На овие простори луѓето најверојатно никогаш нема да се уморат/изморат од досадните приказни за „идентитетот“ на оваа или онаа колективистичка основа, па не е никакво чудо што на самиот поим за идентитетот му се придава смртно-сериозно значење, што дополнително би значело дека со „светиот колективистички идентитет“ не би требало да се зафркаваме. 

Затоа сериозно ме забавува темата за Радмила Шекеринска и „светите Македонци“, поточно урнебесно ме смее „субверзивното“ мото дека не само што Радмила е втор човек на најмоќната Алијанса на светот, туку, замислете – Радмила била и Македонка!

„Македонка стана заменик генерален секретар на НАТО Алијансата, ние како влада тоа го поддржуваме“, беседи нашиот „патриотски“ премиер. Со оваа изјава, новиот премиерски „селектор“ на Македонците не сака да ги доведе под прашање „цврстите“ одредници на она што е „наше“ наспроти она што не е, па на едно важно и Западно назначување во хиерархијата на Алијансата, Мицкоски Радмила ја колективизира во „македонка“. 

Па, зарем во овие наши тресетгодишни животи на независност, нели најмалку три пати сме промениле државни констелации, а богами сме ја промениле и државната дефиниција на разграничување на тоа што е „наше“ и тоа што е „странско“ (?), така како што се менуваа границите и државните констелации на овие Балкански простори? Мотото, притоа, испишано е на англиски јазик: „We are NATO“, а не вели „We are Macedonian’s“. 

Да си (не)пукнеш од смеење!

Oваа констатација на Мицкоски не приближува до епицентарот на една етно-идеолошка мономанија: постои само една, канонизирана форма на идентитетот, и секој припадник на „Народот“ мора да и’ се придржува, во споротивно е отпадник, ако не и предавник. 

Во овој однос се раѓаат сите тоталититети, односно тоталитаризми, а приказните со идентитетот никогаш и никаде не се фиксирани, ами се флуидни: земете на пример било кое „чобанче“ што ќе ги надмине овдешните граници и отиде на некои други простори и географии, веднаш штом слета се приметуваат разликите, како „носорог со шешир“ ја чувствува таа инфериорност и зачуденост од новата култура, од излегувањето на својот јазик и влегување во друг. Притоа, сите национализми на светот се страшно слични едни-на-други, ама се разликува по тоа што секој од нив има свои „мани“, поточно опсесии: земете го јазикот, на пример; земете го лексичкиот фонд во однос на било кој друг јазик. Ама да не’ навлегувам во детаљите на јазиците, да се вратиме ние на Радмила Шекеринска и нејзиното назначување за втор човек на НАТО Алијансата. 

Додека Радмила беше „вистинска Македонка“, овдешните луѓе ја нарекуваа „Олива“ (ја знаете сите девојката на Попај?), ја нарекуваа шпиунка, предавничка, одродена, обескоренета, слугинка на Западните сили, „бомбона бизмис“ и слични глупости произлезени од сопствениот папок. Во Републичкото Собрание за малку главата и’ ја откорнаа oд сопствените рамена… А таа, секогаш беше позитивна, храбра и со ведар дух. И’ после се што и рековме, после сите навреди кои и ги пруживме, замина во светот да ја претставува земјава во најдобро светло, а тоа светло кое Радмила го зрачеше сите овие години на „македонското небо“, Западните сили ја наградија со титула втор човек на НАТО Алијансата. 

Сега ќе се јават претенциозните колумнисти и новинари, кои ќе напишат како со Радмила се познаваат лично, како го имаат нејзиниот број на телефон, или имаат заеднички слики од некои митигувања, семејни ручеци и вечери… Ма, знаете веќе како одат тие приказни кај нас. 

Авторот на овие редови Радмила не ја познава лично, еднаш или два пати некаде сме се разминале, еднаш си имаме речено „Здраво“ или „Добар ден“, ако добро ме држи паметењето, и тоа е се’. Нејзината политичка кариера ја следам со години, а откако Заев си замина од политика, за Радмила изгубив секаков интерес. Тоа што јас сум изгубил интерес, не значи дека се’ уште Радмила не е квалитетна и силна политичарка. Напротив. 

Радмила Шекеринска во својата кариера, во некоја „женска перспектива“ секогаш настапуваше сама, без разлика што позади неа имаше политичка партија. Жена во вакви општества „не врвит“, ако ме разбирате што сакам да ви кажам. А нејзиниот легитимитет како политичарка е нејзиното интелектуално и ментално здравје – а тоа никој не може да и’ го порекне. Како што не може да и’ го порекне нежното и борбено срце во машкиот ринг. 

И тоа кај Радмила најмногу ми се допаѓа. „Жена како Рада нема во оваа земја“, беа првите зборови на мојот другар додека испивавме кафе залегнати на една тераса, кога стигна веста дека ќе биде втор човек на НАТО Алијансата. А со зборовите на мојот другар потполно се согласувам. 

Прв пат во земјава се случува жена со својот говор и говорништво да успее надвор од оваа земја. За прв пат Радмила ги надзборува сите мажи и сите жени во нејаката македонска политика. Признанието за тоа го видовме пред некоја ден. 

А зошто говорништвото на Радмила отсекогаш ми се допаѓало? Затоа што имам впечаток дека за прв пат во оваа земја победи начитаност, длабокото образование, љубопитност, амбицијата со покритие. 

И посакувам многу здравје во новата политичка улога, а за другото знае и сама. Се квалификуваше сама, а богами ја квалификувавме и ние така што и’ го пруживме најлошото од нас. Мислите дека „драмам“? Мислите дека претерувам?

Размислете подобро, колку луѓе јавно на Радмила Шекеринска и честитаа? Се некако скромно, на тивко, на „муфте“, зборувам овде за државните функционери кои практикуваат моќ, власт и пари, не мислам овде на социјалдемократите. Море, на крајот на краиштата – нека! Важно е дека самата таа ќе биде задоволна на местото на кое се наоѓа, верувам дека работата ја прифатила затоа што сака, а не затоа што се работи за висока и престижна позиција. Или што би рекол брилијантниот британски Стивен Фрај: „Ако го работите тоа што го сакате, вие сте на вистинското место“. Верувам дека така ќе биде и со нашата Радмила, ако, пак, таа работа не ја исполнува, ќе биде сосема во ред да ја напушти. Толку е едноставно. 

На крајот на краиштата, едно знам, а тоа што го знам е базирано од нејзината досегашна јавна работа: Радмила беше и верувам ќе остане само своја, а ќе биде помалку и наша, без разлика што денес потекнува од една распарчена заедница, анархична, непристојна и безобразна, која ниту сака ниту може да има свест за себе, се’ додека „другите во светот“ не не’ потсетат на нас самите, и на тоа колку, фала му на благиот Бог, суштински се разликуваме, како ние од Радмила, така и меѓусебно. 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.