„Кога политичката моќ ќе се увери дека е вечна, а, апропо се создава илузија на сигурност – тогаш, доволно е едно авангардно општествено движење да потсети дека историјата не е ничија приватна сопственостˮ.
Следејќи ги политичките коментатори, аналитичари и политиколози од Балканот и Европа, особено нивните осврти кон општествено-политичкиот порив на студентското движење во Србија и неговите грамадни резултати, почувствував потреба да формулирам една политичко-општествена фуснота со футуристички поглед кон домашната македонска сцена. Зашто, понекогаш токму регионалните политички пресврти стануваат најсилниот поттик за преиспитување на сопствената општествена реалност. Оттука, ова не е само осврт кон Србија, туку и критичка рефлексија за можноста од нова политичка свест во Македонија.
Постојат политички моменти кои ја надминуваат границата на дневнополитичкото случување и се претвораат во своевидни општествени пресвртници. Моменти во кои не се преиспитува само легитимитетот на една власт, туку и длабоко вкоренетата претстава дека одредени политички структури се предодредени да владеат, дека нивната доминација е неминовна, а нивното политичко присуство – речиси природна состојба на општеството. Токму во таков контекст треба да се разгледуваат актуелните политички процеси во Србија, особено појавата на студентското движење како авангардна општествена сила која ја артикулира потребата од институционална одговорност, демократска преобразба и суштинско преиспитување на постојниот модел на владеење. Она што со години се претставуваше како неприкосновена политичка хегемонија, како монолитна структура чии позиции се практично недостижни за политичките противници, се соочува со еден нов и поинаков вид предизвик. Предизвик кој не произлегува од традиционалната политичка номенклатура, ниту од воспоставените партиски механизми, туку од една генерација која одбива да ја прифати политичката резигнација како единствена можна состојба на општественото живеење. Во таа смисла, студентското движење не е само политички феномен. Тоа е и рефлексија на долгогодишното незадоволство, акумулираниот гнев и разочарувањето од политики кои ја продлабочија општествената поделеност, ја поткопаа довербата во институциите и создадоа атмосфера во која различното мислење често се доживува како непријателски чин.
Кога институциите ќе престанат да бидат гарант на правото, а ќе се претворат во инструмент на политичката моќ, тогаш општеството не се соочува само со институционална криза. Тоа се соочува со криза на сопствената демократска суштина. И токму тука започнува митот на непобедливите. Митот дека одредена политичка фигура, партија или идеолошка структура поседува толку цврста контрола врз општествените процеси што секоја алтернатива однапред е осудена на неуспех. Митот дека политичката моќ, доколку доволно долго се одржува, може да се претвори во непроменлива категорија. Митот дека граѓанинот, притиснат од економската зависност, институционалната неправда и медиумската манипулација, на крајот ќе се помири со сопствената немоќ. Но, историјата постојано нè потсетува дека политичките системи не се непобедливи. Тие се одржуваат сè додека постојат условите кои им овозможуваат да ја репродуцираат сопствената моќ. А кога тие услови ќе почнат да се распаѓаат, тогаш и најцврстата политичка конструкција може да се соочи со сопствената ранливост.
Студентското движење во Србија е особено значајно токму затоа што ја нарушува традиционалната политичка констелација. Тоа не се појавува како уште еден конвенционален политички субјект, со претходно изграден партиски апарат, политичко портфолио и мрежа на клиентелистички интереси. Напротив, неговата специфичност произлегува од општествениот порив за промена, од потребата институциите повторно се постават во функција на граѓанинот и од одбивањето политичката лојалност да биде поважна од професионалната компетентност.
Не станува збор за идеализација на младоста, ниту за претпоставката дека младите по автоматизам се носители на политичка доблест. Секоја политичка генерација, независно од нејзината возраст, подлежи на искушенијата на моќта. Но, она што ја прави студентската мобилизација значајна е фактот дека таа ја отвора можноста за нов политички субјективитет, ослободен од традиционалните модели на партиска зависност и политичка репродукција. Со други зборови, студентите ја враќаат политиката таму каде што таа одамна требаше да биде: во сферата на јавната одговорност, општествената етика и институционалната отчетност.
Кога една општествена група, без традиционален политички капитал, успева да ја преобликува јавната агенда и да ја врати политичката одговорност во центарот на дискурсот, тогаш се случува нешто многу позначајно од обична политичка конкуренција. Се нарушува монополот врз претставата за тоа кој има право да ја дефинира иднината на државата. Конзервативната и полибералната провиниенција, традиционално претставени како две спротивставени идеолошки позиции, сè почесто го губат својот автентичен политички наратив кога ќе се соочат со прашањето за реалната институционална одговорност. Идеолошките разлики, се разбира, не се безначајни. Напротив, тие се суштински дел од демократскиот плурализам. Но, проблемот настанува кога идеологијата се претвора во политичка декорација, во реторичка обвивка зад која се прикриваат истите клиентелистички практики, истите механизми на партиска зависност и истата маргинализација на стручноста. Тогаш конзервативното и либералното престануваат да бидат автентични политички визии, а стануваат само различни фасади на една иста логика на владеење. Порака, што треба да се слушне и пошироко на Балканот. Во нашите општества, каде што партиската припадност често се претвора во социјална привилегија, а политичката лојалност во услов за професионална егзистенција, ваквата порака има особено значење.
Порака дека ниту една власт не е вечна!
Ниту една политичка фигура не е недопирлива!
Ниту една идеолошка конструкција не може бесконечно да ја потиснува потребата од институционална одговорност!
Митот на непобeдливите се распаѓа во моментот кога граѓанинот ќе престане да верува дека промената е невозможна!
Се отвора можноста за општествена преобразба!
И ниту еден мит не е понеодржлив од митот дека непобедливите навистина постојат.
Пишува, колумна на Даниел Станојоски
Демир Хисар
27.10.2026 год.


