14. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВ

Најефтина држава со задоцнета памет

Слушам луѓе денес, а тие луѓе од денес беа и вчера, како ми велат: „додека СДСМ беше власт, претеравме со критика кон нив“; и овде, токму на ова место, токму во оваа реченица, ја гледам и разбирам задоцнетата памет на „нашиот човек“, а таква е паметта, секогаш е задоцнета. Сфаќаат луѓето дека од преголема и дивјачка критика кон СДСМ, најголемата корист ја извлече токму ВМРО-ДПМНЕ со нивниот феудален господар.

Добро, некој мрсомуд ќе рече, „па, што. Тоа е демократија“. И, се разбира, ќе биде делимично во право. Власта на избори се менува, ама обично во демократски општества критиката продолжува, не молчи, не чека повторно нешто за себе и својот мал и беден ситносопственички ќар.
Од друга страна, Македонија денес е најефтина држава, затоа што имам впечаток дека сите нејзини институции се вперени (или се обидуваат да бидат вперени) во еден човек. Затоа и ни делува дека ова е „најкатастрофалниот почеток на една влада“. Добро, не може сега да речеме дека не постои влада, министри, парламент, судови, градоначалници… Постојат, се разбира, дури и работат за некое чудо. Ама работат „на туркање“, со кисел образ на лицето, работат онолку колку што е силна и потентна таа едночлена институција од еден човек.

Ако сте, пак, подпаднати под негова лична (само)волја, поточно „ако ве симпатизира“, ќе работите, а ако за некое чудо не ве „обича“, нема да работите. И тоа е сета разлика на оваа и ваква „ефтина“ држава.

А, добро, сега некој друг мрсомуд може да праша: „што е тогаш со нашиот граѓански суверенитет“? И тука ќе биде делимично во право. А ќе биде делимично во право затоа што тој негов граѓански суверенитет е транспортиран во таа една личност. На пример, ќе излезе (оној што се прашува за се’) на пресконференција со изјава, или ќе одбруси нешто „на поминување“, и тоа што ќе го каже „на поминување“, таквото веднаш се претвара во одлука. Е, дотаму дофрла нашиот граѓански суверенитет. Значи, дофрла до никаде.

Сега некој друг мрсомуд ќе рече: „А, добро, море, црни Ненаде, како тоа функционира во пракса“? И таквиот, со такво прашање, ќе биде во право. Ама повторно само делимично.

Земете било кој несреќник/несреќничка кој/а до вчера играше во дресот на СДСМ, а денес таквиот дрес го замени со оној „победничкиот“. Земете било која позиција во новата власт за дијалог, тријалог, за малцински права и европски блебетања кои добро звучат а ништо не кажуваат. Земете ги овие денешни координатори за „демографија“, координатори за „Европски дијалог“ (добро, ова кое овде го пишувам е неформална дефиниција за нивните функции & улоги – нивното формално назначување е аланфордовски незапаметено/нејасно).

Во суштина, мене ме интересира што овие луѓе сакаат? Или какво треба да биде ова општество кое се обидуваат да го скројат по сопствена мера? Иако држам до себе (и инсистирам на тоа!) дека работите во животот (и политиката) се сложени, комплицирани, повеќедимензионални, слоевити, нијансирани… A некогаш знам дека работите се еднозначи, едноставни и еднодимензионални.

Ајде да ги баталиме (анти)утописките морализирања и се вратиме на оние сосема конкретни и опипливи облици на општествено организирање на доминантните културни обрасци, на примерите од општествената меморија, на нешто кое ни е искуствено блиско, што го знаеме и паметиме од сопствениот живот.

Не беше толку болна Македонија со СДСМ како што денес е болна со ВМРО-ДПМНЕ. Не беше сјајна ниту СДСМ, далеку од тоа. Ама беше многу повеќе потентна и витална од ова што е денес. Беше далеку пожива и поздрава. Денешната дијагноза на Македонија е кобна, поготово кога имате ваква елита на власт.

Очигледна е нивната себичност, злоба, пакост, некомпетенција, интелектуална инсуфицијенција, импотенција, тесноградост во нивните погледи на себе и светот, длабока компромитираност, спремни секого да жртвуваат заради малку маст и малку власт.

Ова кое го напишав, не беше случај со СДСМ изминатите седум години. Заради бесот кон нив – и гласање на урааа! – денес, разбирливо, ВМРО-ДПМНЕ ни изгледа со лош перформанс. Вака некомпетентни апаратчици, очајни персони со нивната епска небулозност, напросто зачудува.

Земете го Мицкоски, на пример. Погледајте го како се однесува. Слушнете го каде и како зборува, која слика за себе и земјата ја емитува. Што да кажеме, пак, за неговите „гуланфери“, бескорисно-инфериорни во секоја смисла кои, ниту емитуваат ниту сликаат претстава за себе и светот во кој случајно се најдени.

Дури погледајте ги и оние кои денес нешто се фемкаат на СДСМ од типот, не е реформирана СДСМ, нема кадри, лош е потенцијалот, не чинел Венко, немал харизма и реторика… Секакви гласови стигаат до мене, секакви шумови и мрзливи реченици. Таквите гласини се од луѓе кои добија од СДСМ се’, а сега со задникот се потпрени на страната на власта, поточно потпрени се на предницата на Х.М. И си го чекаат своето парче на колач. А, за волја на вистината, постојат луѓе кои се разумни, разборити и имаат два грама мозок во тимбата, а тие луѓе – откако видоа денес што и’ кој е на сцена, признаваат, со доза на задоцнета памет, дека пероформансот на Заев и Мицкоски е разлика во светлосни години.

Заев беше срчан, разумен, трезвен, помалку наивен, ама доследно добронамерен и без заддршка, па, „нек иде живот“, што би се рекло. И, сега, Заев го набркавме, секоја чест за нас, а добивме на власт што?

Ако успеете да се присоберете, јавете ми. Ако не, ма „нек иде живот“, ако ова воопшто може да се каже дека е живот.

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.