Прес-конференција, Миле Талески, пратеник на СДСМ:
Со назначувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ власта на Мицкоски и ДПМНЕ спроведуваат опасна партизација на Агенцијата и на клучните безбедносни институции.
Нов директор на Агенцијата за национална безбедност е всушност претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа е спротивно на Законот за АНБ кој јасно предвидува дека директорот на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или нејзин орган.
Целта на овие законски одредби е да се избегне злоупотребата на безбедносните служби за партиски цели, како што тоа се случуваше во минатото.
Со поставувањето на лице кое само до 2023 година беше претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија директно го прекршува член 10 од Законот за АНБ.
Дури и да се има формално повлечено од партијата, фактот дека до неодамна извршувал висока партиска функција е јасен показател дека ова решение е чисто партиско, непрофесионално и спротивно на Законот и на меѓународните стандарди, особено оние на НАТО.
Мицкоски и ДПМНЕ го враќаат времето на директни злоупотреби на безбедносните служби во партиски цели.
Граѓаните многу добро знаат како злонамерно беа користени како класична политичка служба за прислшкување, следење, но и дискредитирање, уценување и малтретирање на политичките противници и сите други кои не им беа по волја на режимот на ВМРО-ДПМНЕ.
АНБ во изминатите години се реформираше и професионализираше, а со овој чин власта на Мицкоски врши сериозен удар и врз професионализмот и врз безбедноста.
Сега Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што спроведуваат опасна партизација, ги загрозуваат стандардите на професионализмот, туку ја доведува во прашање и безбедноста на државата.
Прашуваме и како Христовски воопшто ја поминал безбедносната проверка?
СДСМ се противи на оваа политизација на безбедносните служби и бараме власта да го повлече ова незаконско назначување. Христовски треба да биде разрешен и да биде назначен нов директор на АНБ.
За ова СДСМ ќе ги извести нашите стратешки партнери, земјите членки на НАТО преку нивните амбасасади и Европската комисија.
Мора да се заштити професионализмот и АНБ да биде во функција на заштита на државните интереси, а не на интересите на поединци и партиите на власта.
Безбедноста на граѓаните и државата мора да биде над партиските игри и интереси!