4. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче предупредува на нови задолжувања поради линеарното покачување на пензиите

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето гостување на „Клик плус“ на ТВ21, го критикуваше неисполнувањето на предизборните ветувања за зголемување на пензиите. Тој истакна дека ветувањето за покачување на пензиите за 5.000 денари не е целосно исполнето, а пензионерите добиваат многу помалку од она што беше ветено.

„Вкупното зголемување кај пензионирањето не е 2.500 денари, туку е помалку, затоа што тие го добиваат и тоа зголемување во овие 2.500 денари, што секако ќе го добиеја по нашиот систем. Просекот е некаде по околу 900 денари“, рече Филипче, додавајќи дека пензискиот фонд ќе се соочи со голем буџетски дефицит и до 200 милиони евра следната година, кој ќе мора да се покрива со скапи задолжувања“ истакна Филипче.

Според него, ова зголемување создава сериозна дупка во пензискиот фонд, која изнесува околу 10 милиони евра месечно, или над 100 милиони евра годишно. „Ако се продолжи со зголемувања и следната година, таа сума ќе достигне 200 милиони евра годишно, што значи дека ќе мора да се пополнува од централниот буџет,“ додаде тој.
Филипче предупреди дека оваа ситуација може да доведе до нови задолжувања со значително повисоки каматни стапки од сегашните, за да се покријат трошоците на пензискиот систем. Тој потенцираше дека нивниот модел на индексирање, работен во соработка со Светската банка, предвидуваше зголемување на пензиите кое ќе биде во согласност со зголемувањето на просечната плата и трошоците за живот, што би овозможило одржлива контрола на буџетот и пензискиот фонд.