Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, го нарече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху воен злосторник и со тоа продолжи со острите критики кон него.
Во исто време, Мамдани призна дека нема овластување да го уапси, иако го вети ова за време на кампањата за градоначалник. Целосното интервју со Кристијан Аманпур ќе биде емитувано денеска на CNN International и CNN All Access, пишува CNN.
Мамдани претходно го нарече Нетанјаху воен злосторник и за време на кампањата рече дека ако израелскиот премиер дојде во Њујорк, градот треба да постапи според наредбата на Меѓународниот кривичен суд (МКС). Неговата администрација ги разгледа правните опции по преземањето на функцијата, но заклучи дека градот нема независен орган за спроведување на наредбата. Потоа Мамдани ја повика федералната влада да преземе мерки.
Во ноември 2024 година, МКС издаде налог за апсење на Нетанјаху по обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Газа. Нетанјаху и израелските власти ги негираат обвиненијата и ја оспоруваат надлежноста на судот. Ниту САД ниту Израел не се членки на МКС.
Мамдани претходно изјави дека Нетанјаху не е добредојден во Њујорк. Израелскиот премиер сè уште треба да пристигне во градот оваа недела за да се обрати на Генералното собрание на Обединетите нации. Мамдани рече дека не планира да учествува во повеќето од најавените протести, но нагласи дека граѓаните имаат право да протестираат.
Претседателот Доналд Трамп и градоначалникот Мамдани се сретнаа вчера во резиденцијата на градоначалникот, Грејси Меншн. Тоа беше нивна трета средба во живо и прва на територијата на Мамдани откако тој стана градоначалник.
Трамп му се заблагодари на Мамдани за неговото гостопримство и изрази надеж дека ќе биде „одличен градоначалник“. Претседателот е во Њујорк за Генералното собрание на Обединетите нации, каде што во денеска ќе се обрати пред светските лидери. По повод состанокот, Мамдани нагласи дека верува во „слободата на медиумите“ и се погрижил да нема ограничувања за новинарите./Извор:Makfax


