29. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВ

ДИКТАТ ИЛИ МАНИПУЛАЦИЈА: Политичката измама и блокадите на европскиот пат на Северна Македонија

ДИКТАТ ИЛИ МАНИПУЛАЦИЈА: Политичката измама и блокадите на европскиот пат на Северна Македонија.

Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Овој текст нема намера никого да убеди во ништо, туку само да потсети на важни аспекти на европските политики и клучни процеси. Ако се прочита, заедно со линковите што се приложени во текстот, ќе се открие сета празнотија на реториката на владејачките структури. Тоа што го слушаме и гледаме овие денови не се ни изговори, туку чиста манипулација со неинформирано, манипулирано и радикализирано (!) население.

Слабостите во областа на владеењето на правото, несоодветното мешање на политиката во економијата која, пак, е и неконкурентна, и решавање на билатералните спорови се трите главни услови за членство во ЕУ, наведени во стратешкиот документ на ЕУ под наслов „Кредибилна перспектива за проширување и засилен ангажман на ЕУ со Западен Балкан“, објавен во февруари 2018 година. Документот е на само 15 страници и вреди да се прочита, за да се разбере контекстот на настаните и процесите во земјата, особено во пресрет на самитот на Берлинскиот процес во октомври, кога се одбележуваат и десет години од почетокот на овој европски проект што го предводи Германија.

Кратка историја на успехот

Времето кога се објавува овој стратешки документ се совпаѓа со процесите што Северна Македонија ги започна со соседните држави, по 11-годишното тонење во изолација под режимот на Груевски. Во тоа време меѓународно препознаена како ФИРОМ, земјата беше на одличен пат да стане лидер (и тоа не само во регионални рамки) во решавањето на билатералните спорови со соседите. Од ФИРОМ, односно Република Македонија само за внатрешна употреба, по речиси три децении тежок меѓудржавен спор за името, земјата стана меѓународно признаена како Република Северна Македонија со познатиот Преспански договор кој веднаш стана светски позитивен пример.

Истата година беше потпишан и Договорот за добрососедство со Бугарија. Тогашниот премиер Зоран Заев постојано беше во движење, со цврста намера да ги откочи евроинтеграциските процеси. Меѓународната заедница го препозна тоа и ја стави Северна Македонија на мапата на успешни демократии.

Во 2019 година, Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО. Во 2022 година, земјата доби европска рамка за преговори, го помина и скрининг процесот, и можеше да почне со преговори веќе на 15 октомври оваа година, заедно со соседна Албанија. (повеќе за статусот на евроинтеграцискиот процес на овој линк)

Кратка историја на неуспехот

Процесите набројани овде се испреплетени со жестоки кампањи и политички блокади од опозицијата, силно помогнати од Кремљ и нивните прокси центри за пропаганда и операции на влијание што работат со полна пареа за да ги попречат евроатлантските процеси и демократската ориентација на Северна Македонија. Општеството беше мета на агресивни националистички и антизападни пропагандни наративи, исполнети со теории на заговор, говор на омраза и дезинформации, и со насилни инциденти, поддржани со хибридни операции од споменатите центри.

Ниту прогресивните сили во земјата, а ниту меѓународната заедница не беа доволно спремни да се соочат со овие операции на влијание. Исходот е познат – голема изборна победа на радикалната десница во земјата на претседателските и парламентарните избори во јуни годинава.

Големата лага за „диктатот“

Големите лаги на владејачката структура во земјата може да се сведат на евтин популизам и лажни наративи, чија подолгорочна цел може да се насети низ кратката историја на успесите и неуспесите во клучните процеси во изминатите години.

Што значи наративот сублимиран во изјавата „диктат, не благодарам“. Интересно е што тоа е наратив што еволуира од „не за бугарски диктат“ во само „диктат“, значи – од ЕУ. Многу пригодно, затоа што сега ќе се отвори авенијата за отворено антизападно расположение во јавниот и политичкиот дискурс. Тоа е лага. Еве низ кратки прашања и одговори.

Дали се работи за диктат? Не. Еден од условите за почеток на преговорите за членство во ЕУ е земјата кандидат да ги надмине сите билатерални спорови. Или, како што се вели во споменатиот стратешки документ на ЕУ – „сè уште има важни билатерални спорови меѓу земјите во регионот кои остануваат да се решат. ЕУ нема да прифати да ги увезе овие спорови и нестабилноста што може да ја предизвикаат. Дефинитивни и обврзувачки решенија мора да се најдат и имплементираат пред да пристапи некоја земја“. Значи, не е диктат, само услов што се однесува на сите што сакаат да пристапат во ЕУ. И Хрватска имаше пограничен спор со Словенија што мораше да го реши за да стане дел од ЕУ семејството.

Бугарските злоупотреби и одговорот на ЕУ

Дали Бугарија ја злоупотребува својата позиција како членка на ЕУ? Да. Тука нема што да се објаснува. Едноставно, официјална Софија, инаку прва што ја призна независноста на Македонија во јануари 1992 година, 30 години подоцна, искористи прилика да ја злоупотреби својата позиција и да наметне тежок и комплексен идентитетски спор.

Тука доаѓаме до едно исклучително важно прашање: Дали преговарачката рамка што ја понуди ЕУ за надминување на овој билатерален спор, во суштина, ѝ помага на Северна Македонија да го откочи процесот и ја минимизира моќта на својата членка? Апсолутно да.

За среќа, ЕУ го препозна тоа и ги бајпасира бугарските „идентитетски“ апетити со предлогот бугарската заедница да стане една од десетте заедници набројани во Преамбулата на Уставот на Северна Македонија. На што Бугарија се согласи, соочена со жестоки критики од земјите членки на ЕУ. Нешто што секој нормален политичар треба да го смета за голем успех.

Во цитираниот стратешки документ на ЕУ од 2018 година се вели:

„Влезот во ЕУ е избор. Потребен е политички и општествен консензус и поддршка од срцата и умовите на луѓето. Не може да има нејаснотии од страна на лидерите за тоа каде припаѓа Западен Балкан и во која насока се движат. Ова е неопходно за да се обезбеди и да се одржи поддршката на нивните и на граѓаните на ЕУ, и мора да се одрази во комуникациите на лидерите и достапноста до граѓаните“.

Нема ништо појасно од ова.

Патот кон иднината

Северна Македонија се наоѓа во критичен момент, особено по одвојувањето на Албанија од преговарачкиот „ЕУ пакет“, но и во пресрет на Самитот на Берлинскиот процес. Јасно е дека политичките манипулации, национализмот и популизмот опасно ја поткопуваат довербата на јавноста во демократските процеси. Ова е време кога граѓанките и граѓаните се повеќе од повикани да се ангажираат во потрага по фактите.

Прогресивните сили да докажат дека постојат и дека се решени да ѝ помогнат на земјата со промоција на демократските вредности, наместо да кокетираат со национализмот и да талкаат низ лавиринтот на безначајни политички пресметки. Се разбира, суштинска е потребата и ЕУ да остане цврста во својата поддршка за демократската отпорност во регионот. Само преку информиран, критички ангажман може да се обезбеди иднина во која дезинформациите и празната реторика повеќе нема да ја диктираат иднината на земјата.


Текстот е личен став на Авторот. Извор: ЦивилМедиа