22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВ

Не одам на медиуми во кои публиката ми пцуе мајка и ја повредува мојата личност на милион парчиња

Како што богатите луѓе плаќаат поголем данок, ако одлучите да бидете јавно видливи, мора да бидете спремни на еден нефер однос на дел од јавноста. Џонатан Свифт

Не одам на медиуми со десничарски „предзнак“. Ние двајца (читај, јас и таквиот медиум) совршено сме непотребни еден на друг. Не се сеќавам кога последен пат сум бил на таков медиум. Не знам кој се’ оди тамо, барем според бајковиот приказ на кучињата скитници кои одат тамо кајшто ќе посакаат.

Зошто не одам на медиуми со десничарски „предзнак“? Има повеќе причини. Можеби најбезболно би било да кажам дека немам повеќе време за такви работи, може да кажам и дека не можам да бидам во исто време на две места. Ама една од вистините е и оваа: пред неколку години имав големи и многу потресни дебати на медиумите со десничарски „предзнак“.

Тие дебати ги гледаа голем број на луѓе, заради големата популарност (што и’ тоа да значи) се почувствував обврзан да кажам нешто за тие луѓе од свое име. Некои луѓе, разбирливо, беа воодушевени, а некои се разбеснија. Почнаа хајки од сите страни. Таквите хајки го повредија мојот „церебрален кортекс“ на милион парчиња.

После дебатите, моето сандаче не престана да одsвонува со пораки кои имаа заканувачки содржини. Пораките почнаа да стигнуваат од 20. часот навечер, а прекинуваа некаде околу 03. часот наутро. Интервалите на пристигнати содржини траеа од секунда-во-секунда. Не сакате да знаете какви ментални излачувања имаше во нив.

Некои одеа до тамо што бараа на Јовановиќ да му се забрани да гостува, а со тоа и престане да зборува за јавните работи. Ако бев добро информиран, неколку градови ургирале до уредништвото јас да не се појавувам на телевизија.

Добро, некој ќе рече, „ти си јавна личност“; добро, ќе речам јас, ама тоа не значи дека сум и’ јавно ве-це во кое секоја будала може да урнира и „кака“ врз мојата глава. Добро, некој друго може ќе рече, хајки како хајки, напади како напади, прозивки како прозивки, и дури бев спремен цело време за нефер третман бидејќи сакав да бидам јавно видлив, сакав да ги изнесам своите аргументации.

Верував, а денес верувам, ако 90 проценти од луѓето се трајно затруени, сепак, верувам дека со рационална дебата на луѓето може да им ги отворите очите за нешто за кое претходно не биле свесни. Дури се повикував и на Џонатан Свифт кој рече:

Како што богатите луѓе плаќаат поголем данок, ако одлучите да бидете јавно видливи, мора да бидете спремни на еден нефер однос на дел од јавноста“.

Но, сепак, ни тоа не беше толку голем проблем, барем од моја денешна перспектива; најголемиот проблем за мене беше – освен реакцијата на Центарот за Слобода – „Цивил“ – немаше ниедна друга реакција на тaквиот чин – протерување на еден граѓанин и колумниста од јавниот простор во Скопје. Се’ тоа беше огромен притисок што значеше ништо друго освен – „мајсторе, бриши од тамо“.

После ваквите случувања, едноставно изгубив интерес за чести посети во Скопје.

Знаете, секој од нас има еден живот, и не е паметно да го трошиме на места кајшто сме недобредојдени и непожелни. Се разбира, знам дека се’ уште во Скопје има огромен број на луѓе кои не се националисти и луѓе на кои им е важно она кое го пишувам. Ама тие луѓе и вака и така ги имаат моите колумни и знаат на кои места пишувам.

Со други зборови речено: цивилизациите во центрите на главните градови (Скопје не е исклучок!) почиваат на варварство: мир и благосостојба во центарот значи пекол за оние на периферија и надвор од границите на цивилизацијата. Оттука, цивилизацијата, со уредената држава како врвно постигнување, претставува тотална инструментализација на хипокризија.

Имено, како што постојат големи рокенрол албуми кои се посветени на љубовните раскинувања, мојот впечеток е дека доаѓа време за крај на сите места и луѓе кои мене ме чувствуваат непријателски и непожелно. Можеби е време за нов живот, се’ уште вагам, мерам и премерувам; се’ уште не сум донел конечна одлука. Ама со мене, некој повторно  да си игра хајки, таков курвин син не е роден на оваа дуња, ако ме разбирате што сакам да кажам.

Од друга страна, денес Македонија, ми се чини, не е повеќе општество, ами територија од луѓе. Заедницата е комплетно распарчена, ако не и’ трајно уништена. Затоа и луѓето си одат од оваа земја. Едните се протерани во деведесетите, другите се протерани 2001. година, а трети се протерани од тамо кајшто во меѓувреме станаа национално малцинство, а некои други станаа национално мнозинство. Некои четврти, си заминаа од оваа земја сами од себе. А петти не си заминуваат, само на подеднаков начин мора да се простат од местото на кое пораснале и местото на кое нешто важно им се случувало.

Мене, искрено, не ми паѓа на памет повеќе да одам на медиуми и во центри на градови кои ми ја пцујат мајката, како што беше случај последниве пет-шест години, додека, пак, од друга страна, совршено ми е сеедно дали некој ќе ме пцуе на фејсбук-коментари под моите текстови.

Едноставно не одам да се дерам на тие телевизиски клоаки и зборувам од „главата на сите Македонци“, како што не сакам да слушам водители кои зборуваат од типот: „со ваквиот исказ вие ги навредувате Македонците“. Од каде воопшто им влегува во глава дека тие се единствени заштитници и арбитри на „сите Македонци“? Ваква претенциозност, дискриминација и комплетно непознавање за сите малцинства во земјава, за мене е навредливо, непристојно и бесчувствително.

Што се однесува до градот во кој денес живеам, а тоа е Кавадарци, тоа не мој град. Кавадарци, од друга страна, е градот во кој денес живеам, градот во кој живее и работи мојата драга, градот во кое живее и учи моето дете, и Кавадарци е градот во кој „лежи мојот кревет“ што совршено го памти моето тело. И тоа е се’ што јас имам во овој град.

Овој град со ништо не влијаел во конституирањето на мојата личност. Ниту тука сум растел, ниту туку сум ги стекнал моите формативни години кои се најважни за секој човек. Во Кавадарци дојдов на покана на мојата драга. Па, така, ете, тука живеам и речиси 16 години нешто создавам. И овој град, барем што се однесува до оној негов десничарски дел, и тие жестоко ја наплука мојата маленкост од цела нивна срце и душа.

Ако, нека, не се лутам!

Само што тоа не кажува ништо за мене, напротив, кажува се’ за плукачите и нивниот однос кон оние кои не се од тука.

За Кавадарци не сум врзан со мојот чин на раѓање и растење, а овде ме пцујат можеби затоа што лично им сметам, ама не верувам дека ме пцујат заради моето презиме и мојата мајка. И друга, подеднакво важна работа: мене во Кавадарци ми е добро, додека и’ е добро на мојата драга и моето дете, ама Кавадарци е многу повеќе град на, да речеме, Александар Малинков, Чемерски, Вуке Мелов, Бубо Каров, Тодор Гечевски, Врбица Стефанов, Сашко Петров, Зоран Бањански, Марјан Пендев, Галапче Галапчев… Тие луѓе тука се родиле и пораснале, од колку што Кавадарци е мој град во кој денес живеам.

Ете, тоа ви е таа разлика.

Да се биде „кичевчанец“ во Кавадарци не е морална категорија, бидејќи не знам ниту дали сум и тоа. Во Кичево има луѓе кои тамо се доселија, како што има луѓе кои во Кавадарци се доселија. Некои, пак, од Кичево се одселија, а некои други, пак, во Кичево се родија. Трети живеат расфрлани по светот. Четврти, пак, се обидуваат да имаат врски и’ со Кавадарци и’ со Кичево.

На крајот и во конечноста, мислам и вака.

Не е во ред дојденците, „куферашите“ и обескоренетите да бидат манијаци, лопови и убијци, како што не е во ред мнозинството Македонци да се напојува на извориштата на фашизмот и ги третира дојдениците како вирус, како „страно тело“, да ги третира како „некој што не е наш“.

И овие теми кои денес ги отварам се огромни теми за книжевноста и филмот, само што во реалноста овие теми се многу поодвратни од темите на уметноста испишани на страниците или прикажани на филмското платно.

Политичката коректност, како и политичката дефамација е облик на идиотизам за оние кои не се „од родот наш“. А против таквите нема да се изборите така што ќе им забраните одредени реченици и теми. Политичката коректност не е борба против предрасуди, со политичка коректност само се мотивира оној вечен и локален (наци)фашизам во кој оној што е Друг и Различен, а притоа секогаш е и најслаб, па дури и таквиот е и најподатлив за да му ебете матер.

„Кучињата на хајките“, таквите, драги мои, најбрзо ја мирисаат слабоста на оние другите кои се малцинство.

И’ велам повторно: не дозволувам никој да ми пцуе мајка на мејнстрим медиуми. Па макар останал вечно маргинален и, можеби, преселен на некое „острово на борба“ во кое ќе се бараат новите форми на слобода.

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Ставовите на авторот во рубриката Дијалог нужно не ги изразуваат уредувачките политики на порталот.