9. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВ

Камала буди надеж со вистините во кои веруваме

Како би го опишал мојот генерален заклучок за дебатата Трамп – Харис? Станав рано наутро, го погледав дуелот, а генералниот заклучок е следен: Трамп беше апсолутно катастрофален, а Камала беше добра, навистина добра.

Калифорниската потпретседателка на САД, Камала Харис и бившиот претседател на САД, Доналд Трамп, за прв пат се погледаа очи в очи. Дебатата започнува така што Камала оди кон Трамп, влегува во неговиот физички простор, му подава рака и вели: „Здраво, Камала Харис“, а Tрамп со лут, див поглед на неговото лице, доста комотно движејќи се до неговиот пулт, благо подава рака и враќа: „Hi, have fun“, („Здраво, уживај“, или „Здраво, ајде да се забавуваме“).

Јас сега можам да кажам дека Камала беше насмеана, а тој не го изговараше нејзиното име, можам да кажам дека таа го гледаше цело време в очи, имаше и говор на тело со кое зрачеше самодоверба, а тој беше здивен, со строг поглед, оддаваше впечаток на „лош татко“, така типично за секој гласач кој припаѓа на неговиот патријахален и хетеро-нормативен свет кој во основа е конзервативен и антидемократски.

Јас сега можам да го кажам и тоа: беше подготвена со нејзините фацијални експресии заради неможноста од директно контра-полемизирање и влегување во збор да го „гаѓа“ в лице, затоа што откако едниот ќе престане со зборување, микрофонот веднаш им се исклучува, па се уклучува другиот микрофон за другиот говорник.

Можам да кажам и тоа, Трамп го изговараше името на Бајден, а нејзиното не.

Можам да кажам, Трамп го форсираше прашањето на емиграција, да речеме, со пример од типот, во Спрингфилд и Охајо емигрантите на Американците им ги јаделе домашните миленичиња живи.

Претседателскиот кандидат рече, замислете: „емигрантите јадат кучиња и мачки“. Да, тоа го рече Доналд Трамп, бившиот претседател на Америка. Без разлика што водителот истакна дека го контактирале градоначалникот на Спрингфилд и дека овој им рекол дека не е забележан таков случај, за потоа, Трамп да ја употребува „контрааргументацијата“ од типот – „не знам, така видов на телевизија“.

Јак аргумент, „така слушнал и така видел на телевизија“ (?), ни рече бившиот претстедател на Америка.

Можам сега да ви ги раскажам и што рече Камала за економијата, за Украина, за Израел…  можам да кажам и што рече Трамп за „Абдул“, главниот лидер на талибаните, а во реалноста такво име не постои, така не се вика лидерот на талибаните, туку сосема поинаку. Возможно е за Трамп сите луѓе од муслиманскиот свет да ги нарекува „Абдул“, што претставува отворен расизам, ама сега во тоа нема да навлегуваме.

Ви велам, можам многу работи да кажам, ама ќе се обидам од еден друг агол да ја опишам дебатата на овие двајца кандидати за претседател на САД.

Имено, кога се браниш себе, кога ги браниш своите аргументи и бараш глас за највисоката функција во државата, значи дека се залагаш и бориш за нешто многу поголемо од себе, нешто многу поопшто и поголемо. А што е тоа поголемо? Тоа е државата во која мора да има место за сите, оти обратно, тоа не е држава, не е ниту република, ами затвор.

За правото на абортус, драги пријатели, она за кое се залага Камала Харис, не е прашање само на женското тело, туку тоа е прашање на цела една историска борба на жената, борба за човековите права, борба за нашите права, дури и тогаш кога авторот на овие зборови не е жена.

Добро, знам, вие не би сакале да зборуваме за тоа, затоа што вам ви се чини дека овие работи се премногу далеку од нас (што, се разбира, претставува погрешна перцепција!). Мојот проблем е што не можам да ги прежвакувам сите оние детаљи од дебатата кои речи сите ја прежвакуваат на сличен или ист начин.

И што во таквото говорење лесно е да се падне во замка, па оди ти сега барај некоја врста на самоодбрана, а немаш од што да се браниш ниту имаш на кому и’ што да објаснуваш за работи кои ионака на секој еден со минимум разборитост и човечност му се  соврешено јасни.

Камала Харис напиша и објави книга, мемоари, со наслов „Вистините во кои веруваме“. Во овие мемоари Камала ни се опишува како дете на борба, нејзиниот поглед на активизмот, најраното сеќавање за борбата и нозете на учесниците кои ги набљудувала од својата количка кои се движеле наоколу, енергијата, вресокот, скандирањето. Тоа е нејзиниот поглед на активизмот од најраната младост, од својта количка ги набљудува нозете на учесниците кои се борат за своите граѓански права.

Борбата и активизмот на Камала Харис подразбира носење на длабоки одлуки за американската историја и нејзиното најтоксично искуство: ропството. Од „сите“ кои Харис до сега ги претставува – таа ќе биде првата жена, првата „црнкиња“ и првата хиндуискиња која ќе се такмичи за претседателка на САД.

А тоа за кое многу малку се говори е следното: Камала Харис, ако во ноември победи, ќе биде првиот жена-потомец на робовите на чело на Америка.

Во оваа идентификација постои сложена интеракција помеѓу слободата и нужноста.

Американската политика се најде во тежиштето од кое тешко ќе оди напред затоа што десничарите на Трамп се тука и спремни се се’ да запалат, и тие тоа ќе го направат ако им се укаже шанса, во име на лажната американска нормалност која што ја исклучува Камала Харис и сите кои со неа ги делат комплексните идентитети.

Наспроти Трамповата пореметеност на етничката супремација на белите верус црните, денес имаме можност за успех на следната претседателка чија историја може да се синхронизира со американската реалност.

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Ставовите на авторот во рубриката Дијалог нужно не ги изразуваат уредувачките политики на порталот.