9. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВ

Независноста на нацијата без граѓани е ранлива, а со тоа ранлива е и’ нејзината независност

Како зборува човек за независноста на Северна Македонија што нема формално-правно завршено високо образование, нема никаков имот (ако под имот не се подразбира повеќе од две илјади книги во неговата домашна библиотека и четири илјади книги во неговите електронски папки?) и живее под ниво на „испосничка“ сиромаштија, прочистен од „страстите на душата“ како некаков шашав „теолог“?

Па, да речеме вака.

Пред да настапи фамозната револуција од 1989 година, секој петок купував Политикин забавник (го сакав Пајо Паторот и Хогар Страшниот нацртани на последните страници). Тој забавник го вознемируваше мојот дух на еден неверојатен начин. Во тој забавник имаше делови за научна фантастика и астрономија. Тамо го сретнав „Аполо 11“, „Забранета планета“, „Временска машина“.

Во времето пред револуцијата (1989), постоеше „Космички оптимизам“ на начин што се набљудуваше иднината на човечката раса, технолошкиот напредок, интернационалната идеја, а продукцијата на уметноста во тоа време за мене беше неверојатна.

Го запознав Артур Кларк, браќата Стругатски, „Сталкер“ на Тарковски, го запознав Станислав Лем со неговиот „Соларис“… Потоа дојдоа суперхероите: „Супермен“, а мрачните деведесети кои најави Тим Бартон, заедно со неговиот подеднакво мрачен „Блејд“ (Blade), беше единствен, вистински материјал за суперхерои од таа декада.

Деведесетите, пак, ни дојде Терминатор, Робо Кап и Судијата Дред; потоа дојде Зоро, а помеѓу нив се појави и „Гавранот“ како ултимативен херој, „ориџинс сторија“ на суперхерој – трагедија и траума во едно, додека осветничкиот порив за правда беше неговиот вистински двигател.
Ах, ќе ги заборавев моите единствени „Поаро“ детективи во кои бев заљубен: Питер Устинов и Дејвид Сачет. Вака се надградував и од прилика вака се одвиваше мојата лична историја пред падот на комунизмот. Не верувам дека некој можеше да претпостави дека после таквиот пад, ќе се воздигне национализмот, а следствено падот ќе биде уште поголем и поглупав.

Е, сега, ајде да видиме што тие направија, а што ние денес направивме од независноста.

Со јазикот на „Монти Пајтон“: што направија тие комунисти, освен што во војна го победија фашизмот, ја обединија и изградија земјата, луѓето ги облекоа, нахранија, ги описменија, вработија, им обезбедија бесплатно здравство и школство, помогнаа во еманципација на жената и нејзиното право на глас (1947. година), ја сузбиваа националната и верска тупавост, промовираа заедништво и просветителство, модернизација, изградија инфраструктура, водеа брилијантна надворешна политика, водеа земја во која секој југословенски народ го достигна својот апсолутен историски максимум, а што денес имаме, ние кои секојдневно урнираме по нивната оставина?

Првиот процес на независноста беше „транзиција“, а значеше сеопшта пљачка и тоа што беше направено како јавно добро за сите беше присвоено од „независната“ елита која конечно си дојде како „своја на своето“.

Поточно, единствено во кое вистински се успеа беше транзицијата. Таа е подлошка на (контра)револуцијата од 1989 година. Едукација, еманципација, урбанизација и секуларизација третирани се како делови од авторитарните системи. Со идеите како такви, требаше да се пресметаме. Ајде сега да видиме што имаме од таквата „пресметка“.

Деедукација соврешено спроведена.

Погледајте ги резултатите на ПИСА (PISA) тестовите.

Процесот на еманципација е свртен на глава.

Тоа им беше многу важно, оти: тоа што се емаципирало, не сака да слуша. Работата е завршена. Погледајте ги податоците на илјадиници македонски млади, од оние „урбани парови“ кои со абортус се пресметуваат со својата бременост откако ќе разберет дека детето е женско?
Образованието денес, приопштено зборувајќи, е во рацете на корпорациите; исто така илузија е дека образованието е потполно деполитизирано, демек постои свет на факти и само елитата има увид во тие факти, а сите ние останати сме слепи и само треба да слушаме. Никогаш немало неполитичко знаење, освен во занесењачките утописки проекти кои немаат никакво упориште во реалноста.
Деиндустријализација и деурбанизација.

Да тргнеме од последното. Македонските градови се се’ поголеми: само не се повеќе градови. Оти градови не никнуваат „тамо кајшто ќе најдеш добро место, тука ти зграда посади“. Овде урбанизацијата се разбира како ѓубрење на нива и какање на ливада.

Деиндустријализација? Ние не сме во состојба, освен ајвар, ништо друго да произведеме. Дури не умееме ниту сол во тегла со лопата да ставиме, а на неа да залепиме етикета. Ама, многу јасно: нашата иднина ќе биде во IT – секторот и таканаречените „креативни индустри“; AI, IT и крипотовалути – без гајле, тука има да растуриме, чесна пионерска!

Единствена надеж која ми влеваше, и за која од петици до глава се борев, беше СДСМ и владата на Заев. Кога го реши тридеценискиот спор направен на тие антифашистички постулати, си реков, ајде, конечно нешто добро ќе тргне. Без разлика колку сме за никаде, има некоја шанса и за Европеизација. Ама, по ѓаволите, работите отидоа во непосакуван правец, овде мирот се разбра како слабост, а Европезицијата се разбра како „продажба“ на „националните интереси“.

А суверенитетот денес не може да биде суверенитет на нацијата, туку суверенитетот може да биде само „во“ и „на“ граѓанинот. Не на партијата, не на „коалиционите влади“ кои се обични заебантски проекти на купишта од подржавени паразити.
Суверенитетот, тоа си ти, граѓанине!

Денес, пак, дојде на власт повторно ВМРО-ДПМНЕ. Што значи тоа? Ништо друго освен антиеманципаторски проект зачинет од „економски политики“ кои комплементарно припаѓаат на големосрпската контраволуција на Милошевиќ од година 1989.

И како таква, оваа земја е бескрајно ранлива. Како што е ранлива и нејзината независнот.

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Ставовите на авторот во рубриката Дијалог нужно не ги изразуваат уредувачките политики на порталот.