24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: Мицкоски го одби предлогот за нов Кривичен законик со кој ниеден функционер нема да биде заштитен

Во Министерството за правда веќе има нов Кривичен законик што се подготвуваше долго време од страна на експертска работна група. Јас лично го повикав премиерот Христијан Мицкоски тој текст да го стави на јавна расправа и да биде донесен час поскоро. И навистина ме чуди зошто толку експресно тој мој предлог беше одбиен од Мицкоски. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за неделникот „Фокус“.

„Во новиот Кривичен законик кој инсистирам да се донесе има нови одредби кои ја санкционираат злоупотребата на службената положба и овластувања и тоа беше мој одговор на сите шпекулации дека го нудиме заради некаква скриена амнестија на функционерите од претходната власт“, потенцира Филипче.

Тој негира дека измените на Кривичниот законик, донесени од страна на Владата на СДСМ и ДУИ, биле со цел спас на функционерите од овие партии.

„Сметам дека е погрешно да бидеме и натаму обвинувани дека тоа било направено за да се заштитат функционерите на Владата на СДСМ од наводни криминали, кога токму челници од ВМРО-ДПМНЕ најмногу се офајдија од тие измени и сега се на високи функции“, вели Филипче во интервјуто.

Претседателот на СДСМ смета дека не постои никакво оправдување зошто новиот текст на Кривичниот законик да стои во фиока, кога тоа не е само заложба на СДСМ како претходна владејачка партија, сега опозиција, туку е и обврска од реформската агенда со Европската Унија.

Во однос на тоа дека довербата во судството паднала многу ниско за време на Владата на СДСМ, Филипче рече дека СДСМ грешка било што СДСМ не се успеа навреме да се реализираат сите проекти предвидени и во Стратегијата за реформи на правосудството, но додаде дека се донесени многу клучни реформи и закони.

„Да не заборавиме дека беа донесени над 20 закони или законски измени во оваа сфера. Споменав, претходно во финална фаза беше и новиот кривичен закон. Впрочем Владата на СДСМ беше таа која побара Брисел да испрати оценска мисија за Судскиот совет и согласно препораките на европските експерти почна да се работи и на измените на законот за Судски совет. Успешно се спроведе скринингот за Поглавјата 23 и 24 и беше подготвен и прифатен од Брисел. Сите овие резултати не се занемарување и покажува дека СДСМ сепак имал искрена намера во однос на процесите во правосудството„ -рече Филипче.

Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се распуштат Советот на судии и обвинители, Филипче рече: „Што се однесува до барањето на ВМРО-ДПМНЕ, ние јасно го кажавме нашиот став а тоа е дека било каква реформа во овој правосудството мора да биде мониторирана и одобрена од меѓународната заедница. Апсолутно не веруваме, а на тоа не учи историјата, дека ВМРО-ДПМНЕ има искрени намери да го реформира судството, напротив, сакаат да го скројат согласно своите потреби.
И на оваа тема кај нив се гледа голема неискреност кон граѓаните, во јавноста се говори едно, а зад затворени врати се потпишува друго. Само што стигна информација дека Владата писмено се согласила да не ги распушта Советите на обвинители и судии како дел од реформската агенда, за веднаш потоа ВМРО-ДПМНЕ да излезе на прес конференција и да речат дека не се откажуваат од таа намера“ – рече Филипче.