23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

(Видео) Објавена снимка од рускиот воен конвој кој беше уништен синоќа

Аналитичкиот проект „Дип стејт“ сподели видео на кое се гледа уништен конвој возила на руските вооружени сили во селото Жовтневе во областа Курск.

Видеото е снимено од автомобил, а се претпоставува дека авторот на видеото е руски државјанин, кој синоќа поминал покрај патот на кој се случи нападот. „Дип стејт“ известува дека најмалку 14 камиони со војници испратени од руските власти да помогнат по упадот на Украина во Русија биле уништени.

Синоќа, на руските канали на „Телеграм“ се појави видео, кое исто така го снимил возач додека возел, на кој се гледа голем пожар во округот Рила во областа Курск. Селото Жовтневе се наоѓа во оваа област, на приближно 30 километри од украинската граница.

„Некста“ пишува дека Русија можеби изгубила речиси 500 војници во ноќниот удар. Се проценува дека секој од камионите може да превезе до 35 целосно опремени воени лица, а со оглед на тоа што на видеото се гледаат 14 уништени возила, со ова бројката изнесува 490 војници. Ова може да биде една од најголемите поединечни загуби за руската војска од почетокот на војната.

Пред три дена Русите известија за обидите на Украина да заземе делови во областа Курск. Следниот ден руските пропагандисти и воени блогери признаа дека украинските војници воспоставиле позиции во пограничната зона. Рускиот претседател Владимир Путин ја нарече украинската операција провокација.

Украинската страна официјално не ги коментира настаните во областа Курск./Извор:Makfax