Соопштение на СДСМ:
Стопанство е сведок на една од најнеодговорните и најштетните одлуки со која се предизвикува директна штета на бизнисите и економскиот раст на нашата земја.
Денеска на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието владејачкото мнозинство го отфрли амандманот на ребалансот на Буџетот на пратеничката група на СДСМ, со кој се бараше двојно зголемување на финансиските средства од околу 17 милиони на 34 милион евра за поддршка на инвестициите по Законот за финансиска поддршка на инвестициите (ЗФПИ).
Со оваа одлука ВМРО-ДПМНЕ директно го загрозува подмирувањето на договорните обврски за финансиска поддршка на 654 компании, кои во 2023 година инвестирале, се развивале, вработувале и успешно работеле. Дополнително се загрозени и околу 100 компании со нови договори, кои се очекува да бидат одобрени до утре, 31 јули. На овој начин овие компании, од кои 98% се домашни, се изложуваат на сериозен ризик да не ги реализираат своите инвестиции, што е катастрофално за економијата. Отфрлањето на амандманот на пратеничката група на СДСМ не само што е неправедно кон бизнисот, туку и нанесува огромна штета на економијата.
Владејачкото мнозинство денес им го ускрати законски стекнатото право на финансиска поддршка на домашните компании, не водејќи грижа за создавање на услови за непречен раст и развој на домашните компании, да отвораат нови и добро платени работни места за граѓаните. Политичките калкулации и желбите за незаконски и вонинституционално договарање во четири очи, им остануваат приоритет, наместо системски решенија и транспарентна поддршка на компаниите.
Минатата година, во времето на владеењето на СДСМ, по основ на овој закон беа исплатени 40 милиони евра, додека оваа година, под власта на ВМРО-ДПМНЕ, компаниите може да добијат двојно помалку, само околу 17 милиони евра. Благодарение на овој закон, во изминатите шест години беа поддржани 919 компании, кои инвестираа над 500 милиони евра и отворија над 5.000 нови работни места. Овие 100 милиони евра не се фрлени во празно, туку претставуваат реална поддршка за домашната економија. И во најтешки, кризни години, пари за транспарентна поддршка на инвестициите имаше. Но тоа е големата разлика од оние нула денари кои ВМРО-ДПМНЕ им ги „обезбедуваше“ на домашните компании во 2016 година. Како што тргнала работата, оваа поддршка повторно ќе биде нула.