21.8 C
Скопје
8. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Средба Тошковски – Дачиќ во Белград: Соработката помеѓу полициите мора да биде подобра од соработката помеѓу криминалните групи

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во рамки на дводневната посета на Република Србија, денеска (26.07.2024) оствари билатерална средба со српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

На средбата, македонскиот и српскиот министер разговараа за унапредување на соработката помеѓу двете министерства во областа на граничната соработка, борбата со организираниот транснационален криминал, како и заеднички обуки меѓу полиции.

Министерот за внатрешни работи Тошковски му се заблагодари на српскиот колегата Дачиќ за гостопримството, размената на искуства и практики со цел уште подобра соработка како министерства и полиции.

„За нас е од круцијално значење, заеднички да делуваме против криминалните групи, со цел да можеме да се справиме со организираниот криминал. Разговаравме и за подобрување на соработката во делот на граничните премини. Оценивме дека можеме да ја подобриме фреквенцијата на возила на граничниот премин. Се договоривме да формираме една работна група која и претходно постоела и се надеваме дека за краток временски период ќе даде резултати кои ќе ги доведат граничните проверки на една позиција, а не на две како што е сега. Во превод, да го примениме „one stop“ системот, за проверка на нашите државјани“, рече меѓу другото министерот Тошковски.

Тој најави дека заедно со колегата Дачиќ, како дел од одличната соработка на двете полиции е договорено четири српски полициски службеници за време на месец август да бидат присутни во регионот на Охрид, каде има голем број српски државјани како туристи.

Српскиот министер за внатрешни работи Дачиќ, исто така потенцираше дека фокус на средбата било обновувањето на работната група помеѓу двете полиции кои треба да ги олеснат процедурите на граничните премини особено на ГП Табановце каде фреквенцијата е најголема.

„Основната идеја е да ја направиме и повторно да ја активираме оперативната група која треба да се занимава во поедноставување на процедурите кои постојат на тој граничен премин, за навистина да имаме една контрола. Зборувам за граѓаните, а не за транспортот на стоки со камиони и слично. Идејата е тоа да го поедноставиме за да излеземе во пресрет на граѓаните“, истакна министерот Дачиќ.

Српскиот министер појасни дека е договорена и соработка кога станува збор за вонредни ситуации.
Министрите се сложија дека соработката помеѓу министерствата и двете полиции мора да биде подобра од соработката помеѓу криминалните групи и дека напорите за унапредување на соработката во сите сегменти како две соседни пријателски држави ќе продолжи и ќе се унапредува.

фото МВР