Од 29-ти јуни до 5 јули, Охрид беше домаќин на учесниците на годинешната 11-та Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн, во организација на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ Колеџ“ од Скопје, поддржана од Министерството за култура, Амбасадата на Република Полска и Општина Охрид.
Предизвикот на кој работеа учесниците на годинешната школа беше хотелот „Палас“, изграден во далечната 1958 година, дело на реномираниот словенечки архитект Едо Михевц.
– Учесниците на годинешната летна школа, кои повеќето се талентирани студенти и наши колеги од земјава и странство, со голем ентузијазам, знаење и имагинација одговорија на годинешниот предизвик. Од мноштвото понудени замисли и можни архитектонски решенија презентирани на завршната изложба, може со задоволство да констатирам дека хотелот „Палас“ е навистина импозантен, а за архитектите и крајно инспиративен објект кој заслужува да му се посвети посебно внимание и кој располага со огромен потенцијал повторно да прерасне во еден од маркантните обележја на градот Охрид и со кој ќе се освежи и збогати домашната туристичка понуда, изјави проф. д-р Мишко Ралев, директор на Меѓународната летна школа за архитектура и дизајн.
За архитектите е неспорно дека хотелот „Палас“, како некогашен туристички бисер што го красеше центарот на Охрид, заслужува повторно да блесне со целиот свој сјај. Тие нудат две алтернативи со кои ќе оствари оваа цел. Првата предвидува реконструкција на постојниот објект со негово проширување, преку примена на најсовремени стандарди и нормативи во оваа област, а втората опција е изградба на целосно нов објект согласно најновите стилови и трендови во урбаната архитектура. И за обете опции неопходно е да се изврши адаптација и проширување на постојната градежна парцела кон северната страна, за да може хотелот да одговори на потребите на посетителите и барањата од важечките стандарди кои се однесуваат на хотели од највисока категорија.
Познавачите на оваа проблематика се децидни дека, за реализација на една од споменатите алтернативи, неопходно е да се изнајде ефикасен модел на соработка помеѓу сопственикот и инвеститор на хотелот, државата и локалната самоуправа, водејќи подеднакво сметка за економската оправданост и одржливост на проектот, како и за јавниот интерес и аспектот на заштита на културното наследство, со оглед на фактот што објектот на поранешниот хотел „Палас“ е прогласен за споменик на културата.