23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Ангеловска-Бежоска за НИН: Монетарната политика овозможи одржување на макроекономската стабилност во неизвесни кризни времиња

„Постигнувањето рамнотежа помеѓу ценовната и финансиската стабилност беше главниот фокус на централните банки, вклучително и на Народната банка, во изминатите неколку години. Историјата покажува дека зголемувањето на каматните стапки на централните банки може да ги зголеми ризиците за финансискиот систем, што всушност се потврди и овојпат преку минатогодишните случувања во САД. Сепак, во целина, добро е што централните банки придонесоа за значително намалување на инфлациските притисоци, а без притоа да има поголеми неповолни ефекти врз финансиските системи. Инфлациските притисоци во домашната економија се значително намалени, девизните резерви се зголемени и на солидно ниво, а финансиската стабилност е зајакната и покрај кризниот период“, истакнува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во авторски текст објавен во српскиот неделник НИН, списание со повеќедецениска традиција.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска потенцира дека централните банки значително ја затегнаа монетарната политика преку зголемување на основните каматни стапки. Така во регион на ЦЈЕ, основните стапки се зголемија во просек за 600 базични поени, слично како и кај нас. Тоа што е специфично кај нас е дека, со оглед на нашата монетарна стратегија на одржување стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, Народната банка не се потпираше само на каматната стапка, туку користеше широк сет монетарни мерки. Монетарните мерки беа надополнети и со макропрудентни мерки коишто за првпат беа применети во текот на овие кризни години.

Претпазливите политики доведоа до намалување на инфлациските притисоци, а без притоа да се зголемат ризиците во финансискиот систем. Особено е важно што во текот на овој кризен период беше зајакната стабилноста на банкарскиот систем, што е предуслов и за раст на економијата. Во текстот, гувернерката нагласи дека адекватноста на капиталот на банките достигна 18,4% во 2023 година, што е највисоко ниво во последните 17 години, што е клучно за одржување на стабилноста при соочување со можни ризици, како и од аспект на кредитирањето и поддршката на граѓаните и компаниите.

„Кредитните портфолија на банките генерално се квалитетни, без сериозни знаци на остварување на кредитниот ризик, а учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити е на историски најниско ниво од 2,8%. Силниот банкарски систем овозможи да се продолжи со кредитната поддршка на економијата, иако во помала мера. За разлика од некои други земји, кредитната криза беше избегната“, посочува гувернерката Ангеловска-Бежоска, додавајќи дека иако постои чувство на оптимизам, сепак условите и натаму се неизвесни и сѐ уште има ризици за светската и домашната економија на краток и на среден рок. Оттука, потребна е натамошна претпазливост, особено при следењето и управувањето со кредитниот ризик, чиешто значење се зголемува во услови на неизвесно окружување и затегнати финансиски услови.