12. октомври 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСвест

Бојчева-Терзијан: Квалитетните статистички податоци, клучни за истражувачката работа и за формулирањето на политиките

Подготовката на квалитетни, доверливи и навремени податоци се клучни за добро разбирање на економијата. Оттаму, статистичката функција на Народната банка, којашто е една од нејзините основни задачи, е од суштинско значење и централната банка постојано работи на унапредување на квалитетот и опфатот на статистичките податоци коишто ги објавува, посочи директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика при Народната банка, Султанија Бојчева-Терзијан, на предавањето коешто го одржа на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ − Штип, под наслов „Статистичките податоци на Народната банка: Клучен фактор за донесување одлуки засновани на докази“. Предавањето беше во рамките на свеченото отворање на Лабораторијата за квантитативни истражувања во економските и организационите науки, како дел од заложбите на овој универзитет за подобрување на научно-истражувачката инфраструктура и со тоа, афирмација на научната работа и раст на бројот на публикувани научноистражувачки трудови.

На предавањето, директорката даде поширок приказ на сите податоци коишто ги објавува Народната банка и нивната улога во носењето мерки и политики. Исто така, беа разгледани и погодностите коишто ги нуди статистичката платформа НБСтат за пребарување и споредба на подолгите серии статистички податоци подготвени од Народната банка.

Квалитетното исполнување на статистичката функција на Народната банка е редовно истакнувано од страна на меѓународните финансиски институции. Народната банка го следи највисокиот статистички стандард СДДС плус. Таа редовно прибира, обработува и објавува податоци, а постојано работи и на развивање и унапредување на одделните статистички домени. Но, податоците добиваат вредност само доколку се користат, истакна Бојчева-Терзијан и од таа причина, Народната банка постојано ја поддржува научно-истражувачката работа, којашто е основа за носење на одлуките за монетарната политика. Покрај ова, се преземаат и други активности за нејзино поттикнување, како што се редовните средби на Клубот на истражувачите, којшто претставува отворена платформа за презентација и дискусија за научно-истражувачки трудови. Преку доделување награди за младите истражувачи се поттикнува развојот на научната мисла и изработката на трудови од областа на макроекономијата и се афирмираат младите и стручни кадри. Поради сето ова, Народната банка како професионална институција и натаму ќе вложува во статистиката, бидејќи таа е стожер за целокупната аналитичка база и за донесување најсоодветни одлуки за економската политика од страна на сите економски субјекти.

Можеби ќе ве интересира

Се токмат нови цени на горивата

ДЕСК

Крипто пазарот доживеа историски пад, 1,4 милиони инвеститори во паника

C +

Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

C +
error: Соддржината е заштитена.