„Немам сретнато некој за десет дена, колку беа ефективни денови за кампања, помеѓу првиот круг претседателски и парламентарните избори, да изгуби над 30.000 гласови. Тоа е за околу 35% од вкупниот број на гласови добиени првиот круг. Тоа го гледам во нешто друго. И во 2021 година, кога Максим Димитриевски победи, голем дел од гласовите ги доби од СДСМ, а дел доби и од ВМРО-ДПМНЕ. Ако погледднете дека Тони Михајловски кој беше против кандидат на Димитриевски од ВМРО-ДПМНЕ доби околу 7-8.000 гласови, Максим доби околу 15.000 гласа, а ние околу 14.800 гласови. Значи тие 15.000 гласа што ги има ВМРО-ДПМНЕ во Куманово биле трансферирани околу 7000, на кој начин и со какви методи, тоа уште не ми е познато,“ рече Зоран Дамјановски Циц, поранешен градоначалник на Куманово од СДСМ, на поткастот Политиканти на Слободен Печат.
Тој посочи дека Куманово после 35 години, го изгуби приматот на левичарски лидери почнувајќи од СДСМ, па ЗНАМ која се профилираше како левичарска партија, произлезена од колевката на СДСМ.
Циц истакна дека Димитриевски не ги разграничува поимите национализам и патриотизам.
„Патриотизам е да го сакаш својот народ, а да го сакаш својот народ на сметка на негатива на туѓиот етникум, народ, се вика национализам. Тука се покажа едно излегување од орбитата на граѓанскиот концепт на македонското општество.