26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Од 2017 до 2023 година Македонија има 3 милијарди евра прилив на странски директни инвестиции

„Ние покажавме дека е можно да се има добар резултат, да се работи напорно за подобро утре. Дека е можно да има поголеми плати, пензии, повеќе пари кај граѓаните, дека е можно да има слобода и демократија, да има слобода на говор, дека е можно да живееме во земја која има сигурна, извесна и подобра, европска иднина. Не само што е можно да се оствари ветување за просечна плата од 500 евра туку и да се надмине. 650 евра просечна плата е денешната реалност. За само кратки 6 години од 150 евра минимална плата, стигнавме до речиси 370 евра минимална плата. Вложивме 100 милиони евра со кои поддржавме 919 компании. Со оваа поддршка компаниите реализираа 500 милиони евра инвестиции“изјави претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во своето воведно обраќање по повод промоција на Програма за европска иднина и кандидати за пратеници на избори 2024 година.
Тој додаде дека со антикризните мерки се оддржала ликвидноста на компаниите, се задржале работните места и се заштитил стандардот на граѓаните. 2,6 милијарди евра преку антикризните пакети се вратиле назад кај граѓаните и стопанството.
„Денес, Македонија е исто атрактивна дестинација за странски директни инвестиции. Само во 2022 имавме над 750 милиони евра странски директни инвестиции, наспроти нешто над 300 милиони пред 2016та. Од 2017 до 2023 година Македонија има 3 милијарди евра прилив на странски директни инвестиции“, потенцираше Ковачевски.
Тој додаде дека тоа е резултат на успешните економските политики и стабилното деловно опкружување.
„Тоа беа тешки одлуки, но, благодарение на нив, ние денес сме земја членка на НАТО, со отпочати преговори со ЕУ, стабилна, просперитетна и безбедна земја. Можностите за економски развој и за подобар животен стандард ќе се зголемат уште повеќе со членството на Северна Македонија во ЕУ. Затоа е важно да се продолжи европскиот пат, тој нѐ носи до единствениот европски пазар од половина милијарда луѓе со што за нашите компании ќе се отворат огромни можности. Европскиот пат носи и подобар животен стандард за граѓаните, повеќе и подобра работа за компаниите, дополнителни фондови за развој на нашата економија“ заклучи Ковачевски.