Инспекциските служби на Центар спроведуваат засилени надзори и контроли на територијата на општината за справување со аерозагадувањето и оставањето градежен отпад.
„Контрола е извршена на повеќе активни градилишта во Буњаковец, Центар, Кале и во Пролет, при што се изречени глоби на субјекти што не ги почитувале мерките за одржување на градилиштата на начин што нема да ја загадува и деградира урбаната средина. Надзор е спроведен на локацијата на Јужен булевар во напуштен објект, кој претставуваше црна точка, каде што имаше пријави од граѓани за палење отпад. Со наредба од надлежен инспектор објектот е заграден со метална ограда и спречено е понатамошно палење и загадување на воздухот“, велат од Општина Центар.
Инспекциските служби на Општина Центар на изведувачите им налагаат да ги спроведуваат мерките за миење на тркалата на возилата, камионите и багерите, како и употреба на церади на камионите за заштита од прашина, секојдневно миење и метење на улиците и тротоарите околу градилиштата.
„Сите градилишта се задолжени да ги спроведуваат мерките во согласност со Законот за јавната чистота и Законот за животната средина. Доколку не ги почитуваат, ќе бидат преземени инспекциски мерки и ќе бидат санкционирани.
Општина Центар апелира до граѓаните:
– да го намалат користењето возила,
– за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ-амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал,
– да се користи суво и чисто дрво, без примеси од земја и отпадоци,
– печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот,
– редовно да се чистат оџаците“, додаваат од Општината.
Општина Центар апелира и до сите надлежни институции координирано да работат за да се надмине алармантната состојба со загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје.