23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Одлагањето или ставањето во неизвесност на преговорите и на членството на Северна Македонија во ЕУ го става во неизвесност и реформскиот процес

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска се обрати на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања при Собранието на Република Северна Македонија.

Во своето обраќање се осврна на пакетот за проширување на Европската комисија, кој оваа година се разликува во неколку аспекти од претходните, кои Стратегијата за проширување и извештаите за напредокот на земјите кандидати за членство ги сместуваат во еден посебен геостратешки контекст како резултат на војната во Украина, а и во актуелниот период и воените дејства во Израел, односно во Газа, кои иницираа околности за забрзување на процесот на проширување на Европската Унија за кој Брисел поттикна две сериозни новости, кои го определуваат новиот пристап за забрзување на процесот на проширување на Унијата.

„Првата е проширувањето на пакетот земји кандидати, кои се опфатени со најновата Стратегија за проширување, која, покрај шесте земји од Западен Балкан, ги вклучува уште и Украина, Молдавија и Грузија, а во втората исклучително значајна новина е планот за раст на економиите на Западен Балкан, кој има цел да воведе дополнителна динамика во евроинтегративните процеси на земјите од регионот и силна посветеност и одлучност со значајна финансиска поддршка да го поддржи забрзувањето на реформите, особено во делот на приспособување на националните економии со стандардите на земјите членки на ЕУ“, објасни Маричиќ.

Планот за раст, како што објасни, е финансиска, но и политичка инвестиција на Европската Унија за Северна Македонија, која изрази јасен став дека има потреба и сака да ја види нашата земја во европското семејство.

Вицепремиерот Маричиќ потенцира дека пакетот за проширување и извештајот на Европската комисија за нашата земја, како и планот за раст, се најважните пораки за што не смееме да си дозволиме да ги пролонгираме роковите, кои се јасно определени. Одлагањето или ставањето во неизвесност на преговорите и на членството на Северна Македонија во Европската Унија го става во неизвесност и реформскиот процес според ЕУ-стандарди.

Вицепремиерот Маричиќ се осврна и на најновиот извештај за реформскиот напредок за Северна Македонија, Европската комисија запиша дека земјата ги спроведува реформите во согласност со ЕУ-стандардите и секојдневно работи во исполнувањето на обврските, на укажувањата во извештајот гледаме како на препораки за утврдување приоритети во наредниот период и како на важен показател за нашиот напредок. Во делот на функционирањето на демократските институции, Европската комисија посочува дека е потребно да има конструктивен и инклузивен политички дијалог во Собранието, особено за реформите поврзани со Европската Унија. Комисијата, како и секогаш, и овој пат дава објективен пресек на состојбите и напредокот во реформите и ги идентификува областите во кои треба да ги зголемиме напорите и да испорачаме повеќе резултати.

Во оваа насока Маричиќ потенцира дека оценката на Европската комисија за вкупната подготвеност на земјата за 2023 година е „добро ниво на подготвеност“. Таа е солидна константа веќе неколку години, нема уназадување во ниту едно поглавје во споредба со другите земји во регионот, од кои некои многу порано ги почнаа преговорите, а Северна Македонија бележи напредок.

Шпанското претседателство со Советот на ЕУ го достави писмото со кое ја повикува Република Северна Македонија да ги достави патоказите, кои се наша обврска, а што произлегува од преговарачката рамка за пристапување на Република Северна Македонија во членство во Европската Унија усвоена на 19 јули 2022 година. Со цел нивна подготовка, на начин наведен во самото писмо, преку суштински консултации и преку инклузивен процес, ќе предложиме одржување на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања при Собранието на Република Северна Македонија за разгледување нацрт-патоказ за владеење на правото и нацрт-патоказ за реформа на јавната администрација, а паралелно ќе одржиме консултации и со граѓанското општество, стопанските комори, академската заедница.

На крајот од својот говор вицепремиерот Маричиќ истакна дека ние сме веќе пред втората фаза на преговорите, што ја потврдува и констатацијата на Комисијата дека процесот на скринингот се одвива непречено, а земјата и Владата на Северна Македонија покажуваат високо ниво на посветеност и секое одлагање, стопирање и отворање нов процес за утврдување на преговарачката рамка е апсурд и неодговорен политички волунтаризам, особено за едно вакво стратешко прашање од посебен и исклучителен интерес на граѓаните и за иднината на Северна Македонија.