5. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
НАУКА

Вештачката интелигенција може да предвиди, a може и да спречи смрт

Вештачката интелигенција може да помогне да се предвиди и евентуално да се спречи ненадејна срцева смрт, соопшти Американското здружение за срце. Експертите од Американското здружение за срце велат дека предвидувањето на ненадејна срцева смрт, а можеби дури и забележувањето на ризиците за да се спречи смртта, е можно со вештачката интелигенција (АИ) и може да понуди нов чекор кон превенција и глобални здравствени стратегии. Овие резултати се засноваат на истражување претставено на научниот симпозиум за реанимација во 2023 година во Филаделфија.

Ненадејната срцева смрт, оптоварување на јавното здравје, претставува од 10 до 20 проценти од сите смртни случаи. Предвидувањето е тешко, а вообичаените пристапи не успеваат да ги идентификуваат лицата со висок ризик, особено на индивидуално ниво, вели д-р Ксавиер Жувен, главен автор на студијата и професор по кардиологија и епидемиологија во Парискиот центар за кардиоваскуларни истражувања, Inserm U970-University од Париз.

„Предложивме нов пристап, кој не е ограничен на вообичаените фактори на кардиоваскуларни ризик, туку ги вклучува сите медицински информации достапни во електронската здравствена евиденција. Истражувачкиот тим анализира медицински информации со вештачка интелигенција од регистри и бази на податоци во Париз и Сиетл за 25.000 луѓе, кои починаа од ненадеен срцев удар, и 70.000 луѓе од општата популација. Податоците од двете групи беа усогласени по возраст, пол и населено место“, објасни д-р Жувен.

Вештачката интелигенција идентификувала луѓе што имале повеќе од 90 проценти ризик од ненадејна смрт.

Податоците, кои претставуваа повеќе од милион болнички дијагнози, беа собрани од медицински досиеја до 10 години пред секоја смрт. Користејќи вештачка интелигенција за да ги анализираат податоците, истражувачите создадоа речиси 25.000 равенки со персонализирани здравствени фактори, кои се користат за да се идентификуваат оние луѓе што се изложени на многу висок ризик од ненадејна срцева смрт. Покрај тоа, тие развија приспособен профил на ризик за секој поединец во студијата.

Персонализираните равенки за ризик ги вклучија медицинските детали на една личност како третман за висок крвен притисок и историја на срцеви заболувања, како и ментални нарушувања и нарушувања во однесувањето, вклучително и злоупотреба на алкохол. Анализата ги идентификува оние фактори што, најверојатно, ќе го намалат или зголемат ризикот од ненадејна срцева смрт за одреден процент и временска рамка, на пример, 89 проценти ризик од ненадејна срцева смрт во рок од 3 месеци.

Анализата на вештачката интелигенција беше во можност да идентификува луѓе што имале повеќе од 90 проценти ризик од ненадејна смрт и тие сочинуваат повеќе од четвртина од сите случаи на ненадејна срцева смрт.

Персонализираните фактори на ризик варираат многу меѓу учесниците, откри вештачката интелигенција.

„Работиме речиси 30 години на полето на предвидување ненадејна срцева смрт, сепак, не очекувавме да достигнеме толку високо ниво на точност. Исто така, откривме дека персонализираните фактори на ризик варираат широко меѓу учесниците и често доаѓаа од разни медицински полиња (мешавина од невролошки, психијатриски, метаболистички и кардиоваскуларни податоци), а тоа е слика што е тешко да се долови со медицинските очи и мозокот на специјалист во една област“, истакна д-р Ксавиер Жувен, кој е и основач на Парискиот експертски центар за ненадејна смрт.