Новиот инструмент за задолжување на државата преку воведување на граѓански обврзници се покажа како доста успешен инструмент.
Втората аукција на граѓански обврзници која се одржа вчера, помина доста успешно, односно како што информираше Министерството за финансии, во втората емисија на обврзниците, учествувале 907 граѓани, кои купиле обврзници во вкупен износ од 1,08 милијарди денари, односно некаде околу 17,7 милиони евра.
Тоа според МФ значи дека побарувачката кај граѓаните била за 80 отсто поголема од износот што го нудеше државата, односно 600 милиони денари или околу 10 милиони евра.
Уште поуспешно помина првата емисија, каде граѓаните на државата и позајмија околу 23 милиони евра, што значи дека преку овие две аукции граѓаните во државата вложија над 40 милиони евра, со што се покажува дека тие веруваат во сопствената држава.
Дека овој инструмент ги дава посакуваните ефекти, смета и министерот за финансии, Фатмир Бесими.
„Ова покажува дека граѓанската обврзница веќе е препознаена од страна на граѓаните и дека го најде своето место на пазарот. По првата емисија на која интересот беше поголем за 2,4 пати од објавениот износ, интересот продолжи и на втората емисија, а веќе граѓаните имаат интерес за тоа кога ќе има нова емисија“, вели министерот Бесими.
Каматната стапка за обврзниците со доспевање од две години изнесува 5% годишно што е повеќе отколку каматните стапки на штедните влогови во комерцијалните банки, па оттаму и големиот интерес за граѓаните за купување на вакви хартии од вредност.
Првиот дел од добивката (каматна стапка од 5%) на граѓаните ќе им биде исплатен на 14 ноември 2024 година, а на истиот датум 2025 година ќе го добијат и вториот дел од добивката (дополнителни 5%) како и вложениот износ.
Тоа значи дека за вложените 40 милиони евра, за две години отсега, граѓаните кои купиле обврзници, ќе поделат меѓу себе вкупно четири милиони евра.
Според најавите, Министерството за финансии ќе продолжи да објавува нови емисии на овие обврзници.
Извор: 24info.mk