23. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Македонската берза и Капитал финансиски центар ја подигнуваат финансиската писменост на граѓаните

„Заштеди и инвестирај за подобра иднина“ беше темата на едукативниот настан по повод Светскиот ден на штедењето, кој се одржа во просториите на Македонска берза АД Скопје, во организација на Македонска берза АД Скопје и Капитал финансиски центар.

Обуката, која се одржа вчера, беше наменета за индивидуалци и правни лица кои сакаат да ги заштитат своите пари од инфлација и практично да научат како функционира пазарот на капитал. Како да се управува личен и семеен буџет, да се постават финансиски цели и како да се направи разлика меѓу парични и реални вредности беа дел од темите на обуката. Посетителите на настанот се запознаа и со улогата и начинот на функционирање на Берзата и со улогата и значењето на останатите институции на пазарот на хартии од вредност.

Една од главните заложби на Македонската берза е да го доближи берзанското работење и воопшто, начинот на функционирање на пазарите на хартии од вредност до што поширок круг заинтересирани учесници. Во таа насока е и соработката што Македонската берза ја остварува со останатите чинители и активностите што ги презема во делот на зголемување на финансиската едукација и писменост.

Билјана Станковска Арсова од Капитал финансиски центар на настанот „Заштеди и инвестирај за подобра иднина“ се осврна на клучните разлики меѓу штедач и инвеститор и предложи разни финансиски инструменти за заштита на парите од инфлација.

„Од суштинско значење за секој граѓанин е да вложи време во едукација за управување со личните финансии и да научи како да ги користи современите финансиски инструменти, меѓу кои се акциите и обврзниците кои ги има на берзата, како и уделите во инвестициските фондови, чии приноси секако ќе ја победат инфлацијата и значително ќе ја зголемат вредноста на вложените средства во еден подолг временски хоризонт. Ние, во Капитал финансиски центар, како досега и во иднина, ќе продолжиме да делуваме во подигнување на финансиската писменост во Македонија и преку едукативни семинари и обуки да ги приближиме современите финансиски инструменти до сите“, вели Станковска Арсова.

Купувањето акции може да се прави самостојно и со користење на професионални портфолио менаџери. Постојат повеќе начини како професионалните портфолио менаџери управуваат – главно преку услугата управување со индивидуално портфолио на акции и преку отворените инвестициски фондови, за што посетителите на настанот добија многу корисни информации.