24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Меџити за Онкологија: Нема да поштедиме никого, но не можеме сите лекари да ги ставаме во ист кош

Фатмир Меџити, министерот за здравство, во врска со скандалот на Клиниката за онкологија рече дека не може сите здравствени работници да бидат ставени во ист кош.

Меџити рече дека нашето здравство има врвни доктори и дека Министерството ќе направи сè за нивниот углед да биде зачуван, што е правилно и фер пред граѓаните.

„Како министер ви гарантирам дека со моите надлежности, без компромис, нема да штедиме никого и ќе работиме. Тоа што ќе го докажеме, ќе го санкционираме до крај. За наводите дека на Онкологија доаѓале пациенти од странство, во моментот немам информации, но и да имам, не можам да споделам поради предметот што го води Обвинителството и затоа сè што ќе се донесе како одлука на крајот, јавно ќе биде објавено пред сите. Пациентите ги упативме до Обвинителството и таму најтранспарентно се работи со сите што имаат информации за случајот, вклучувајќи ги и нивните семејства“, истакна денеска Меџити.

Побара што побргу да се стави крај на шпекулациите во однос на скандалот на клиниката.

„Нема да поштедиме никого, ќе работиме и она што ќе го докажеме, ќе го санкционираме до крај“, прецизира Меџити.

За враќањето на КАТО-системот и контрола на терапијата на Онкологија, Меџити истакна дека ги разгледал можностите, но сè уште нема донесено одлука што ќе биде во најдобар прилог за пациентите.