15 C
Скопје
21. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Кина го суспендираше објавувањето на месечните податоци за невработеноста кај младите и тоа е причината

Соочени со растечкиот економски пад и откако оваа бројка достигна последователни рекордни височини во последните месеци, Кина го суспендираше објавувањето на месечните податоци за невработеноста кај младите.

Оваа вест, која веднаш предизвика реакции и потсмев на социјалните мрежи, денеска ја соопшти Националното биро за статистика (НБС), кога објави редовен извештај за месечните економски показатели. Претходно, НБС ги објавуваше стапките на невработеност во урбаните средини за лица на возраст од 16 до 24 години секој месец.

Фу Лингви (Лингхуи), портпарол на НБС, објасни дека тоа е затоа што сегашната статистика треба да се подобри.

– Бројот на ученици во оваа возрасна група во последните години е зголемен и основна задача треба да им биде студирањето, а не барањето работа. Дали да се вклучат студенти кои бараат работа пред дипломирањето… е нешто за кое луѓето имаат различни ставови. Потребни се дополнителни истражувања – додаде тој.

Дефинирањето на старосниот опсег на „младите баратели на работа“, исто така, бара дополнително проучување, бидејќи младите сега поминуваат повеќе години на училиште, додаде тој.

– НБС сега ќе спроведе „длабинско истражување“ со цел да ја подобри својата методологија – рече Фу, додавајќи дека податоците ќе бидат повторно објавени кога ќе заврши процесот.

Тој не даде временска рамка.

Суспензијата доаѓа откако стапката на невработеност кај младите во Кина достигна последователни рекорди во последните месеци. Од април до јуни стапката на невработеност кај младите на возраст од 16 до 24 години достигна 20,4 отсто, 20,8 отсто и 21,3 отсто, соодветно.

Објавата брзо стана тренд тема на Интернет.

– Она што навистина сакаа да го кажат е дека сегашните податоци се премногу лоши, па да не ги гледаме засега – се вели во коментар со повеќе од 9.000 гласови на сајтот за микроблогирање Веибо, каде хаштагот за веста собра 100 милиони прегледи. .

Рекордни 11,6 милиони дипломирани студенти побарале работа оваа година. Тие се соочуваат со мрачна перспектива бидејќи кинеската економија го загуби моментумот по вториот квартал, кога растот по пандемијата забави.