Во рамки на мултимедијалниот настан „Дојди раскажи ја својата приказна – Остави трага“, кој се однесува на млади лица, а го спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи заедно со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа, „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“, се одржа панел дискусија на која збор зема и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.
На 40 километри од Дојран започнува мојата приказна, во мојата Струмица. А токму овде во Дојран ги имам минато најубавите денови и спомени од детството и мојата младост, ја започна министерката својата приказна пред присутните на настанот на плоштадот „Кај јаворите“.
„Произлегувам од многудетно семејство со 4 ќерки, благодарам на моите родители кои ни ја всадија хуманоста, борбата за човековите права и праведноста. Тогаш ги започнав да ги стекнувам вредностите кои денес ги имам, особено праведноста, хуманоста и еднаквиот третман кон сите луѓе. Така и се трасираше патот во мојата професија, да се борам за децата, правата на жените, на работниците и да се борам против било каков облик на дискриминација. И токму денес, како министерка можам да направам нешто конкретно и многу повеќе за сите овие заложби за кои отсекогаш сум се борела“, рече Тренчевска.
Имав 21 година кога започнав да работам во приватен сектор. Потоа се приклучив на граѓанскиот сектор, ние бевме едни од првите организации кои работеа на родовата еднаквост во државата, заедно преку програмата на македонскиот центар за меѓународна соработка и тоа ми ги отвори вратите во Министерството за труд и социјална политика пред дваесетина години.
Во рамки на министерството голем акцент ставаме на човековите права и правата на жените, особено во градењето на еднакво општество за секој човек. Оставаме трага низ процесите на креирање на политиките и го подобрување на животот на многу граѓани во државата, особено фокусирајќи се на младите.
„Младите се многу важни во работата на министерството за труд и социјална политика. Сакаме да ги поттикнеме да останат во својата земја преку огромен број на мерки кои ги имаме, во прв ред мерките за самовработување и поддршка за отворање на сопствени бизниси и стартапи. Само преку мотивирани млади луѓе да се приклучат на македонскиот пазар на труд може да гарантира иднина за секој од нас и целата земја. Потребно е секоја млада личност да слушне успешни приказни, но и да почне да ја создава својата успешна приказна токму од своето место на живеење“, истакна министерката Тренчевска.
Караванот „Остави трага“ има за цел да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, активацијата и подигање на свеста за еднаквоста во општеството. На настанот се обратија и Фатмир Битиќи, заменик претседател на Владата, Н.Е. Г-н Сирил Бомгартнер, Амбасадор на Франција, Сања Лукаревска, директорка на УЈП, Нева Грашиќ, советничка во Владата на Словенија, Василка Салевска Трајковска, менаџерка во компанија „Филип Морис“, Бленди Ходаи, претседател на ФОП, Назли Чан, асистентка на ИБУ Универзитет и Марија Андреева, проектнa раководителка во рамки на канцеларијата на Советот на Европа (CoE) во Скопје.
За време на настанот со исполнување на музички нумери настапи групата „Шербет“, беше изведена мини пиесата „Среќа“ на Интимен театар Битола, дел од студентите на Меѓународниот Балкански Универзитет – Факултетот за уметност и дизајн изготвија уметнички дела на платно, додека младата уметничка Мартина Наумовска гравираше на стакло и стаклени чаши.
Серијата јавни настани која е насловена „Дојди и раскажи ја својата приказна – Остави трага“ ја спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.