22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНОИЗБОР

Ниски згради и парк со површина од речиси 10.000 м2 во некогашна Треска

Нема повеќе нови пожари во напуштениот комплекс Треска. Некогашната депонија среде град со полу срушени објекти, кабаст и комунален отпад, опасни азбестни табли и многу глувци се исчисти и стана минато. Наместо грди и распаднати бараки полни ѓубре локацијата кај Треска ќе стане нов урбан и зелен центар.

Токму оваа локација пред да се исчисти често беше засолниште на многу бездомници кои крадеа, кршеа и палеа оган да се згреат во зимските месеци или да горат кабли и профитираат. Во фабриката „Треска“ избувнаа два пожари во рок од седум месеци кои ги зафатија халите полни со остатоци од мебел, крш и азбестни канцерогени табли кои поради токсичниот чад беа сериозна закана за околните згради и куќи.
Откога во напуштената фабрика избувна и вториот пожар во април 2022 година градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски согласно Законот за управување со отпад на приватен имот и во координација со надлежните институции им наложи на сопствениците во даден рок да го отстранат отпадот.

„Моја информација е дека во „Треска“ има 35 до 40 000 метри квадратни азбесен кров. Во вчерашниот пожар беше зафатен и кровот, а и денеска сеуште паѓаат азбестните плочи. Искрено јас после долго време, вчера првпат влегов и тоа што го видов можеме да го споредиме со Чернобил. Значи многу шут, азбестни кровови, жителите споделува дека таму има и животни и глувци големи како мачки затоа тоа моја препорака е дека земјиштето побрзо треба да се расчисти“, изјави тогаш Герасимовски за медиумите.

Денеска овој страв го нема затоа што просторот е исчистен и ДУП-от од 2012 година предвидува изградба на згради со височина од најмногу приземје со 5 ката и поткровје, а во дел и приземје со 4 ката и поткровје, во класична блоковска распореденост. Голем парк на вкупна површина од 9474 м2 и вкупно зеленило близу 18.000 м2. Во комплексот се планира изградба на градинка, соодветно сообраќајно решение, плански паркинг и модерна урбана опрема.