„ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во ќорсокак и бараат начин како да излезат од ситуацијата во која сами се заплеткаа. ВМРО-ДПМНЕ протежираше лага за бугаризација и асимилација со францускиот предлог. Кога се поврди дека тоа е лага, тие сега бараат начин да се исперат од целата ситуација. Подадената рака од СДСМ е токму во тој правец, да се реши стратешкото прашање на земјава“ рече пратеникот од СДСМ, Миле Талески во „Топ тема“ на Телма.
Тој додаде дека повикот на СДСМ е ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во процесот на уставните измени и евроинтеграциите, за барем еднаш во историјата, како што кажа, да одработи државнички.
„Мицкоски по средбата со Ковачевски кажа дека ги прифаќа понудите на премиерот Ковачевски за уставните измени и за учество на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, по одредени услови. Сега се случува тотален хаос во партијата и имаме разноликост на изјавите. Наша надеж е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се вразуми, ќе стави прст на глава и ќе работи во интерес на граѓаните“ рече Талески.
Тој додаде дека сите услови на ВМРО-ДПМНЕ се прифатени и потенцираше дека земјава не преговара со Бугарија, туку со ЕУ, бидејќи преговарачката рамка е прифатена од сите 27 држави-членки на Унијата.