26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Вицегувернерката Нацевска: Зеленото кредитирање и натаму расте, Народната банка презема мерки за поддршка

„Климатските промени имаат негативно влијание врз економскиот раст и инфлациските притисоци, особено во помалку развиените економии. Сѐ поголем број централни банки гледаат на зеленото финансирање како на дел од нивниот мандат. Народната банка преку серија активности придонесува кон поттикнување на зеленото финансирање во домашната економија“, посочува вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во интервју при работната посета на Меѓународна конференција во Киргистан, каде што се зборуваше за предизвиците за централните банки во услови на сѐ поголема дигитализација на финансиските услуги, но и во услови на зголемување на свесноста за ризиците од климатските промени.

Зголемувањето на свесноста за климатските промени и придонесувањето кон зелена одржлива средина се дел од стратегиските цели на Народната банка. Во рамките на веќе преземените активности на ова поле, вицегувернерката Нацевска посочи дека Народната банка од 2021 година е дел од Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем, составена од централни банки и супервизорски тела и агенции, којашто има за цел да осмисли, да промовира и да развие најдобри практики во оваа област. Притоа, додаде и дека нашата централна банка започна редовно да ги објавува податоци за кредитите за зелено финансирање, односно кредитите наменети за проекти од областа на заштитата на животна средина и енергетската ефикасност од страна на банките, а од минатата година и преку измени во инструментот на задолжителната резерва, го поттикнува кредитирањето за овие намени. Според податоците на Народната банка, на кои се осврнува вицегувернерката Нацевска во интервјуто, зеленото кредитирање бележи постојан раст, при што најголем придонес во растот имаат кредитите на корпоративниот сектор.

„За рационализирање на активностите во оваа област, Народната банка во моментов работи на подготовка на Стратегија за поттикнување на зеленото финансирање којашто, меѓу другото, би ги дала насоките за работењето на банките во областа на зелените финансии, вклучително и транспарентно финансирање“, истакнува вицегувернерката Нацевска, говорејќи за зелената и дигиталната трансформација коишто во иднина можат да придонесат за градењето посилни економии отпорни кон шокови.

Во интервјуто, вицегувернерката Нацевска се осврна и на други актуелни теми. Одговарајќи на новинарско прашање, таа говореше и за неодамнешните случаи на измами и колапсот на најголемата криптоберза ФТХ, кога излегоа на виделина ризиците од загуби и висока нестабилност поврзани со криптопазарот и се забрзаа глобалните напори за внесување на криптосредствата во регулативната рамка. Притоа истакна: „На ниво на Европската Унија, беше направен суштински чекор во овој поглед со новата хармонизирана Регулатива за пазарите на криптосредства (регулатива MiCA), усвоена на 16 мај 2023 година. Регулативата не претставува пречка за користење на новите дигитални производи, но гарантира дека новите технологии спаѓаат во опсегот на регулативата и управувањето со оперативниот ризик“. Говорејќи за криптопазарот во нашата држава, Нацевска посочува дека граѓаните треба да бидат внимателни, целосно да ги разберат специфични карактеристики и ризиците коишто ги носат криптосредствата и да донесуваат издржани одлуки засновани на личната толеранција на ризик. За таа цел, Народната банка е активно вклучена во општото подобрување на финансиската писменост, бидејќи придонесува за индивидуалната, а со тоа и за целокупната финансиска стабилност“, нагласи вицегувернерката Нацевска.