26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Пендаровски на конференција за дезинформации: Руската агресија врз Украина создаде не само реален фронт на истокот на Европа, но и пропаганден фронт на Балканот

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, во обраќањето на Конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија“, истакна дека на дезинформации се особено ранливи демократските општества:„…присутноста на дезинформациите не треба да не чуди или изненадува, туку треба да се навикнеме на нивното присуство. Без разлика од тезите дека живееме во исклучително време, без преседан, во поглед на дезинформациите, моето мислење е дека не спорејќи го фактот дека дезинформациските и пропагандни кампањи против демократските системи се во подем во последната декада, сепак, порано постоеле и други временски периоди во кои интензивно се користени дезинформациите. Доволно е да се потсетиме на периодот на нацистичката диктатура или сталинистичката репресија, за да констатираме дека и тогаш, тоталитарните и автократски режими користеле пропаганда и дезинформациски кампањи, чија што цел не била само предизвикување поларизација и раздор кај нив дома туку и во другите општества, со особен фокус на демократските држави.“

Пендаровски укажа дека социјалните мрежи имаат двојна природа: „За разлика од првичниот, би го нарекол, наивен оптимизам дека социјалните мрежи нужно ќе водат кон демократизација на општествата, набрзо ја видовме нивната двојна природа. Или, подобро кажано, сфативме дека социјалните мрежи самите по себе не се ниту демократски, ниту недемократски, туку се екстремно ефикасни алатки чии што ефекти зависат од тоа кој, со какви намери и за цели ги употребува, односно, злоупотребува“.

„Нашата држава, за жал, е релативно лесна цел на дезинформациските кампањи, поради слабата институционална и општествена отпорност кон нив,“ истакна Пендаровски на конференцијата.

Според Пендаровски, сме и ќе бидеме мета на малигно влијание од надвор: „Руската агресија врз Украина создаде не само реален фронт на истокот на Европа, но и пропаганден фронт на Балканот, бидејќи кога агресорот ја губи битката, јасно е дека ќе настојува да отвори нов фронт за да си ја олесни положбата. Не смееме да ги игнорираме индициите дека зад проблемот со нашите евроинтеграции, или зад тензиите во Косово, и во Босна и Херцеговина, покрај објективните прашања и проблеми кои не се решени, има и голема количина на дезинформации и таканаречени непријателско поттикнување.“

Пендаровски укажа на потребата за градење целосна и долгорочна стратегија и конкретни политики за градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите, но и за потребата од зголемена транспарентност во работата на органите на власта: „Секое затскривање зад превезот на таканаречените државни интереси е неоправдано. Сите информации, освен оние од безбедносен карактер, треба да и бидат достапни на јавноста, затоа што вистината е најдоброто оружје против дезинформациите и лагите.“

На крајот, Пендаровски укажа и дека образованието е клучно за градење на долгорочна отпорност кон штетни влијанија: „Конечно, за долгорочна отпорност на македонското општество клучно е образованието. Во образовниот систем мораме да вклучиме содржини што се однесуваат на медиумската писменост, а препорачувам и вклучување на политичкото образование во духот на демократските вредности во редовниот образовен систем.“

извор СМК.мк