Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, се сретна со новоизбраниот претседател на Република Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
Ковачевски го честиташе претседателскиот мандат на Милатовиќ како и неодамнешното успешно заокружување на парламентарните избори во Црна Гора, со изразена верба дека ќе продолжат одличните односи меѓу Северна Македонија и Црна Гора и со идната црногорска влада, како на билатерален план, така и во регионални рамки и на европскиот пат.
Заеднички е констатирано дека двете земји имаат блиска пријателска соработка, без отворени прашања и се пример за добрососедски односи во регионот.
Во таа насока, Ковачевски и Милатовиќ ја истакнаа заедничката определба за придонес во регионалната и европската стабилност и во развојот на Западен Балкан како дел од Европската Унија.
Ковачевски ја оцени како значајна соработката со Црна Гора, во рамки на партнерството во НАТО и како држава којашто веќе ги отвори сите поглавја во преговарачкиот процес со ЕУ.
„Владата на Република Северна Македонија и јас како Премиер, со силен фокус работиме на натамошниот напредок на нашата држава на европскиот пат. Во таа насока се и нашите засилени активности во моментов за политичко обединување и донесување на потребните одлуки во Собранието. Северна Македонија отсекогаш била пример за успешна мултиетничка демократија и општество за сите граѓани кои имаат еднакви права и одговорности пред Уставот и законите. Со внесувањето и на други етнички заедници во нашиот Устав, меѓу кои и припадниците на црногорската заедница во Северна Македонија, докажуваме дека сме Европа во мало и држава која доследно ги почитува европските вредности, поради што веќе заслужи да биде дел од Европа“, рече премиерот.
На средбата се споделени искуства за текот на евроинтеграцискиот процес и се изразени определби за уште поактивна билатерална и регионална соработка.